Пензионерите се идеални туристи

од desk2
99 прегледи

Шеесетгодишниците им се најомилени гости на туристичките работници, бидејќи трошат најмногу пари и најмногу денови поминуваат на одмор, покажува едно истражување спроведено во Велика Британија.

Цената при планирањето на одморот е најмалиот фактор, со кој се раководат постарите лица меѓу 60 и 69 години, кои во просек трошат околу 800 фунти за сместување и пат. 

Пензионерите исто така се туристи кои во просек остануваат најмногу денови на одмор, 11,5 денови, а британското истражување особено укажува на тоа дека пензионерската популација има тенденција на раст, како и дека во текот на една година „сениорите“ се одлучуваат за повеќе патувања.

Студијата опфати пет илјади британски туристи на различни возрасти, а мошне интересен е податокот дека тие меѓу 50 и 59 години биле расположени за експериментирање и посета на местата, за кои младите, како и брачните двојки ретко се одлучуваат. Постарите лица исто така земале предвид поголем број на локации за одмор. 

Испитаниците меѓу 30 и 39 години главно се одлучувале за помалку авантуризам во планирањето на своите патувања и почесто бирале бањи и одмаралишта со спа центри поради малите деца.

Интересен е и фактот дека за кампирање и разни видови на патувања најзаинтересирани биле лицата на возраст меѓу 40 и 49 години, додека најомилена дестинација за авантуристичко патување меѓу испитаниците кои имаат меѓу 18 и 29 години била Азија.