Иницијатива за нова партија: Македонска опција за демократска акција“ – МОДА

од desk4
258 прегледи

 

Покрената иницијатива за формирање на нова партија

На  светлиот македонски празник, кога пред точно 77 години, нашите македонски борци   тргнаа  смело и решително против  фашизмот и нацизмот,  и во таа борба го поразија противникот, и ја конституираа првата македонска држава со државно-правен суверенитет и субјективитет на меѓународната сцена, го најавуваме граѓанското движење „ Македонска опција за демократска акција“ – МОДА. Во изминатите 27 години од независноста на нашата држава, политичките елити ветуваа многу, а реализираа малку. Денеска, Република Македонија е држава која  по  сите економски, цивилизациски, граѓанско-демократски, културолошки и инфраструктирни параметри е за жал на дното во Европа, а е држава која претендира да стане дел од НАТО алијансата, како најмоќна воено-политичка организација во светот, и во ЕУ како најмоќна економска и пазарна заедница во светот.

  1. Примарната цел на нашето движење е борбата против корупцијата, како најгангренозна „ рак-рана“ на македонското општество, која ги има зафатено сите општествени пори. Корупцијата, заедно со организираниот криминал се состојби, нотирани од и сите релевантни светски институти кои ги мерат и рангираат овие појави, и нашата држава е закотвена на самото европско дно, дури подолу од земји како Косово, Молдавија и Босна и Херцеговина. За таа цел МОДА ќе предложи формирање на институционално тело составено од релевантни и интегритетни екперти кои ќе го испитуваат имотот на сите државни и јавни функционери од  создавањето на независна Република Македонија до денес.
  2. Освен беспоштедната борба против корупцијата и организираниот криминал , МОДА ќе се залага и за промена на изборниот модел и воведување на една изборна единица со отворени партиски листи, за конечно македонските граѓани да имаат вистински избор на „ народни избраници“, а не да бираат партиски послушници и поданици.
  3. Промена на избор на претседател на државата, наместо на непосредни избори, истиот да се бира во Собранието на Република Македонија со ¾ мнозинство. На тој начин , парламентарните политички партии и елити ќе изберат консензуален кандидат за претседател на РМ, и истиот ќе биде вистински „ татко на нацијата“, одошто партиска продолжена рака како досегашните.
  4. МОДА ќе се заложува за промовирање на индивидуализмот, наместо на форсирање на колективитетите, поттикнување на претприемачкиот дух, поттикнување на либералните и граѓанските вредности,  како антипод на  реакционерниот национализам, авторитарните тенденции  на владеење и етатизмот.
  5. Граѓанското движење ќе се го промовира  „хуманиот капитализам“ и ќе ги поттикнува општествено одговорните акции.
  6. Департизација, деетатизација и денепотизација на јавната администрација, професионализација на судско-обивинителскиот систем и органите на  јавната управа.
  7. Ограничување на мандатот на претседателот на Владата на Република Македонија во мандат од 8 години ( максимум два последователни мандати)
  8. Заштита на животната средина, промовирање на „ зелени политики“
  9. Заложба за социјално праведно и хумано општество во кое граѓанинот ќе биде во центарот на интересот на власта, наместо етничките колективитети
  10. Забрана за етничките политички партии, и промоција на граѓанскиот концепт на политички партии.

Во наредниот период  граѓанското движење Македонска опција за демократска акција ( МОДА), ќе ги  конституира своите  органи и тела, ќе се структурира и организира и активно ќе учествува на политичката сцена со промоција на политките и ставовите за кои се заложува.

 

Со почит,

Иницијативен одбор:

Благојче Атанасоски

Никола Атанасов

Петар Васев

Владимир Попадиќ

Жанета Мангарова

Јасмина Адамовска