Лајонс Европа Форум Скопје 2018

од desk4
160 прегледи

 

Република Македонија од 25 до 27 октомври ќе биде домаќин на над 700 хуманитарци, донатори, поддржувачи на хумани акции, членови на Лајонс клубовите од Европа. Домаќин и организатор на големиот настан е Лајонс Дистрикт 132 Македонија.

 

 

Подготвени сме за континуитет на првично искажаната идеја од 1952 година за годишни состаноци на Европските Лајонси, форуми што се одржуваат на различни локации низ Европа, а оваа година Европскиот Форум на Лајонсите ќе се одржи во Скопје, од 25-27 октомври. Европа Форум е еден од најзначајните настани за сите членови на Lions Clubs International од Европа, затоа што тоа е годишен собир, на кој се дискутираат теми за развој на лајонизмот во Европа, за постигнатите резултати во помагањето на ранливите категории, нови идеи и активности во сервисните активности, но и меѓусебно запознавање и дружење.

Дистрикт 132 Македонија има чест и да биде домаќин на овој значаен настан во 2018 година, што претставува извонредна можност за промовирање на убавините на нашата држава, на нашето традиционално гостопримство и претставување на потенцијалите на нашата држава и резултатите на македонските лајонси. Организацискиот Комитет, веќе три години неуморно и посветено работи на квалитетна подготовка и успешна реализација на Европа Форум 2018 кој ќе се одржи во објектот на Македонската Филхармонија.

Мотото на Форумот, и прогамски содржини:

Мотото на 64-от Европа Форум во Скопје, е „Свесност и Емпатија“ (Awareness and Empathy). На секој форум државата домаќин ја одредува темата на форумот. Ние се одлучивме за ова мото кое е општоприфатено затоа што сметавме дека иако лајонсите во Македонија, во Европа и во светот навистина направиле многу, сепак е потребна уште поголема свесност за Лајонизмот во Македонија и во светот, за многуте потреби на лицата на која им е потребна помош, како и поголема емпатија за сите овие луѓе, деца, млади, возрасни или стари, без оглед на пол, вера или религија. Во програмата посебно внимание е посветено на одбележувањето на 70 годишнината од формирањето на првите Лајонс клубови во Европа, 50 годишнината од формирањето на фондацијата на Lions Clubs International, а за Скопје е предвидена посебна пленарна сесија со наслов „Скопје-55 години град на светската солидарност и родно место на Света Мајка Тереза“.

Во програмата ќе има 60 сесии на различни теми, соработката на лајонсите во заедничко помагање на ранливите категории, соработка на лајонсите од балканските држави, можност за  збратимување на клубовите, меѓународна соработка на лајонсите од Европа со лајонсите од Азија и Африка, соработката на лајонсите со Обединетите Нации, улогата на лајонсите во справување со актуелната мигрантска криза во Европа, Lions Quest – програма за грижа за младите, правилно насочување и развој, заштита на децата од улица, борба со рак кај децата, значењето на почитување на идентитетот, инклузивноста, толеранцијата и кохезијата помеѓу луѓето и улогата на лајонсите во тој процес во секоја земја и во светот во целина, улогата на лајонсите во помош на децата од сите ранливи категории, борба протиб дијабетесот, улогата на кучиња водичи за слепи и можноста за обезбедување на таква помош за слепите во Република Македонија, искуствата на вклученоста на лајонсите во помагање и на лицата со Алцхајмерова болест и нивните семејства.

Во рамки на Европа Форум има и посебен натпревар.

Тоа е натпреварот за избор на најдобар млад музичар и млад амбасадор. Изборот на млад музичар се врши секоја година на различен инструмент, а ние како земја домаќин го избравме инструментот флејта.  Оваа одлука ја донесовме затоа што тоа е најблизок инструмент до традиционалниот кавал и како инструмент кој најдобро ја отсликува ономатопејата на човечкиот говор. На натпреварот ќе учествуваат претставници на 17 држави. Во изборот на млад амбасадор критериум се вклученоста на младите во проекти поврзани со различни хуманитарни активности.

Кој се ќе дојде во Скопје…

Овој, 64-ти Европа Форум е еден од најзначајните Европа форуми во историјата на Lions Clubs International бидејќи за прв пат имаме жена меѓународен претседател, нашата добра пријателка од Исланд Гудрун Ингвадотир, која во 2012 година за прв пат дојде во Скопје да ни помогне во развојот на лидерство на македонските лајонси. На форумот ќе присуствуваат и претходниот меѓународен претседател д-р Нареш Агарвал од Индија, првиот заменик меѓународен претседател Јунг-Јул Чои од Јужна Кореа, 2-от заменик меѓународен претседател Хајнес Таунсенд од САД, поранешните меѓународни претседатели Еберхард Вирфс од Германија…..и Ѓузепе Грималди од Италија кој има 94 години, кој имал средби и разговори со Света Мајка Тереза, и тој во Скопје ќе евоцира спомени од тие заеднички средби.