На 21 октомври (во недела) спортската сала на Општинското основно училиште Добре Јованоски во Прилеп беше арената каде што силите ги одмерија пинг понгарите на двете најквалитетни лиги од првенството во пинг понг во Република Македонија. На распоредот на ППФМ беа петтото и шестото коло во рамките на третиот турнир од сезоната 2018/19.
Во супер лигата фаворитите лесно ги добија своите натпревари, за што главен показател се резултатите од натпреварите кои завршија со 4:0 или со 4:1. Изненадување е резултатот од шестото коло меѓу градските ривали, прилепските екипи на Младост 96 и Младост. Помладите играчи, односно екипата на Младост 96 убедливо со 4:0 ја совлада екипата на Младост. На Лашкоски, Рикалоски и Костовски, од Младост 96 не им беше тешко да извојуваат убедлива победа против Младост кои настапија без Милошевиќ и Јочкоски. Со двете убедливи победи екипата на Младост 96, после катастрофалниот старт на сезоната го најави пробивот кон врвот на табелата, моментално се на трето место со 10 бодови, колку што има и четврто пласираната екипа на Телеком НЕЦ. На врвот на Супер лигашката табела со максимален учинок, шест победи од исто толку одиграни натпревари се наоѓа екипата на Вардар. Изненадувачки слабо оваа сезона игра екипата на Работнички која има само две победи и се наоѓа на шестото место. На дното на табелата се наоѓа екипата на Мултитекс, кои во досегашниот тек на првенството немаат забележано победа.
Ако во Супер лигата немаше интересни натпревари, нешто резултатски поинтересно беше во првата лига. Најинтересниот натпревар беше во режија на екипите на Пошта 2 и Пелистер. Победата им припадна на поштарите со 4:3. Во решавачкиот натпревар државниот првак во пионерска конкуренција Даниел Главевски Зхоу, кој настапува за екипата на Пелистер не успеа на Битолчаните да им го донесе вториот триумф оваа сезона. Даниел со убедливи 3:0 изгуби од Баки Тасим од Пошта 2.
За лидерската позиција на прволигашката табела продолжува мртвата трка меѓу екипте на Кочани и Радовиш. Седмото коло го носи нивниот меѓусебен дуел, по што ќе се знае кој ќе презиме како лидер во првата лига.
Супер лига 5 коло резултати:
Мултитекс – Телеком НЕЦ 1:4
Шампион ФА – Вардар 1:4
Работнички – Младост 96 0:4
Младост – УГД 4:1
Супер лига 6 коло резултати:
Телеком НЕЦ – УГД 4:1
Младост 96- Младост 4:0
Вардар – Работнички 4:0
Мултитекс – Шампион ФА 0:4
Табела Супер Лига
- Вардар
- Младост
- Младост 96
- Телеком НЕЦ
- Шампион ФА
- Работнички
- УГД
- Мултитекс
Прва лига 5 коло резултати:
Пошта 2 – Студент 4:2
Пелистер – Радовиш 2:4
Дебар Маало – Струга 4:0
Кочани – Борец Тим 4:1
Прва лига 6 коло резултати:
Студент – Борец ТИМ 1:4
Струга – Кочани 0:4
Радовиш – Дебар Маало 4:1
Пошта 2 – Пелистер 4:3
Табела Прва Лига
- Кочани
- Радовиш
- Пошта 2
- Дебар Маало
- Студент
- Борец ТИМ
- Пелистер
- Струга
Екипите на Пелистер и Струга имаат натпревар помалку, нивниот натпревар кој беше одложен ќе биде одигран вторник на 23 Октомври.
Лига натпреварите во Супер и Прва лига продолжуваат на 25 Ноември во Прилеп.
Во сабота на 27 Октомври во Прилеп во спортската сака на СОУ Ѓорче Петровќе се одржи Екипното Државно Првенство во Јуниорка конкуренција.
Во недела на 28 Октомври во Крива Паланка ќе се одржи пионерскиот Телеком Мастерс бодовен турнир.