Портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос, е уверен дека владејачката коалиција ќе обезбеди мнозинство во Парламентот дури и ако десничарскиот коалициски партнер Независни Грци се повлече поради Договорот од Преспа, како што неколку пати вети партискиот лидер Панос Каменос, пишува грчки „Катимерини“.

„Владата, а особено премиерот Алексис Ципрас, никогаш нема да ја стави партиската политика над државните интереси“, изјавил Ѕанакопулос за радиото „Реал ФМ“.
Тој додава дека верува оти грчкиот Парламент ќе го ратификува Договорот од Преспа, кога истиот ќе ја мине целата процедура во Македонија.
Коментирајќи ги последните изјави на Каменос дека Независни Грци ќе излезе од владината коалиција кога Договорот ќе дојде во Парламентот, Ѕанакопулос вели дека „ова не значи дека Владата нема политички и парламентарен капацитет да го заврши својот мандат“.