Дел од раководството на Независниот синдикат на полицијата денеска со околу 60-тина возила организираше синдикален марш, почнувајќи од пред зградата на МРТВ до Владата, каде што беше изразено незадоволство, па сѐ до Министерството за внатрешни работи.

Бараат да се почитува Законот за работни односи во врска со репрезентативноста на синдикатот во кој, тврдат, членуваат над 20 проценти од вработените.

Пред зградата на МВР, претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев Тодев, побара најбрзо што може да се подготви решение и да се издаде документ со кој синдикатот ќе функционира согласно законот и ќе бидат вклучени во социјалниот дијалог. Тој меѓу другото побара од министерот за внатрешни работи да не го фаворизира полицискиот синдикат во рамки на ССМ, затоа што, подвлече, дава лажна слика за состојбите во полицијата.