Проценката на влијанието на регулативата сѐ уште непознат инструмент за јавноста

од Vlatko K
120 прегледи

 Граѓаните малку знаат за процесот за проценка на влијание на регулативата (ПВР), која јавните институции во согласност со Деловникот на Владата се обврзани да ја спроведуваат при носењето на новата регулатива или при носење измени на постојни закони.

Дури 77 проценти од граѓаните никогаш не слушнале дека постои постапка што се вика проценка на влијание на регулативата (ПВР), а 72 отсто од вработените во државниот сектор воопшто не чуле за ПВР, иако државната администрација е една од клучните алатки за нејзино спроведување, покажаа резултатите од последното истражување на јавното мислење за перцепцијата на јавноста во врска со ПВР спроведена од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) и Центарот за економски анализи (ЦЕА), спроведено минатата година.

Во министерствата постојат оддели што се бават со проценка на влијанието на регулативата, но сепак констатирана е потребата од поголема едукација на службениците за оваа постапка што овозможува јавно и транспарентно носење на новите закони и на законските измени и вклучување на јавноста во нивното носење.

Граѓаните преку електронскиот систем на прописи (ЕНЕР) може лесно да пристапат и да ги видат нацртите и предлозите на законите, да остават свои коментари за нив, а воедно да бидат во тек и со закажаните јавни расправи по конкретни закони.

Што е процес за ПВР?

Процесот за ПВР претставува почетната фаза во процесот на креирање политики. Основна цел на овој процес е да обезбеди министрите и Владата да добијат релевантни и точни информации за позитивните и негативните влијанија од можните начини за решавање на проблемот, како и за предложениот начин за постигнување на целта заради која се предлага законот.

Квалитетното спроведување на процесот за ПВР придонесува кон ефективно и ефикасно спроведување на законот, а со тоа и остварување на политиките на Владата.

Процесот за ПВР е особено важен во контекст на приоритетот на Република Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО. Во претпристапниот период, процесот за усогласување на законодавството на Република Македонија со законодавството на ЕУ и земјите членки на НАТО подразбира спроведување на анализа на правните акти на Унијата и нивно соодветно транспонирање во националното законодавство.

Во овој случај процесот за ПВР ќе добие уште поголемо значење, бидејќи преку него на структуриран начин ќе можат да се анализираат и утврдат краткорочните и долгорочните влијанија на правните акти на ЕУ врз националниот правен систем и врз прифаќањето на обврските што произлегуваат од нив. На тој начин ќе можат да се градат националните позиции во процесот на преговори и да се утврдат и намалат евентуалните негативни влијанија за економијата на Република Македонија.

–  Доколку спроведуваме добра проценка на влијание на регулативата, секако ќе си ја олесниме нашата преговарачка позиција, но и полесно ќе го поминеме скринингот што ќе се прави на нашето национално законодавство, вели Светлана Црвенковска, координаторка за истражувања и анализи во Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

Во контекст на тоа, таа посочува дека МЗМП има направено компаративна анализа со законодавството на Франција, Словенија, Хрватска и Обединетото Кралство и она што може да се забележи е дека процесот на ПВР се прави на ниво на закон, што не е случај и кај нас во Македонија.

-Сметаме дека можеби овој процес треба да се издигне на ниво на закон и во исто време една од поважните препораки е да се направи тело што ќе биде надвор од министерствата и ќе биде составено од експерти како што функционира и во другите земји што беа анализирани, вели Црвенковска.

Според неа, ова независно тело ќе ги прегледува и ќе ги одобрува извештаите што ги подготвуваат министерствата при подготовка на нов закон, па потоа ќе ги испраќа пред Владата и пред Собранието, а доколку не бидат одобрени извештаите уште во самиот момент треба да се види каде има проблеми и тие да се решат пред да се донесе законот.

Важно е, истакнува таа, при носење регулатива да се прави стратегија, долгорочно планирање од Владата, па потоа да се носат годишните планови на ниво на министерствата за секоја од политиките што сметаат дека треба да се спроведени.

-Во 2017 година има некое подобрување, а во 2018 година процесот е сѐ подобар во однос на консултации со засегнати страни при објавување на извештаите на ЕНЕР.  Дури и Македонското здружение на млади правници кога испраќа препораки гледаме дека ни се одговара на препораките од страна на надлежното министерство, нагласува Црвенковска.

Од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), пак, посочуваат дека за еден процес да функционира, потребно е исполнување на неколку предуслови.

– Пред сѐ треба да постои политичка волја за тоа, институциите да имаат капацитет и свесност за важноста на процесот, тој да одговара на реалната состојба… ништо од ова не се подобрува со закон, односно во многу случаи се покажало дека и во ситуации кои законската основа е добра, тоа во пракса не значи спроведување на истиот, додаваат од МИОА.

Оттаму посочуваат дека не постои унифициран начин на организација и спроведување на процесот за ПВР.

– Во земјите членки на ЕУ се применуваат различни системи и модели за спроведување на овој процес. Владата на Република Македонија уште во 2009 година, кога почна примената на процесот за проценка на влијанието на регулативата, одлучи истиот да биде уреден во Деловникот за работа на Владата на Република Македонија. Деловникот е акт со кој Владата подетално ги уредува начинот и организацијата на работата на Владата, процесите што треба да обезбедат квалитет на политиките, предлозите и материјалите што ги разгледува и утврдува, односно усвојува Владата, како и процесот на донесување на одлуките на Владата. Воедно, ПВР е дел од процесот на креирање на политиките што исто така се уредува со Деловникот за работа на Владата. Со оглед на тоа дека процесот на ПВР функционира во постојната форма, не се има покажано потреба од законско решение, а и не сметаме дека тоа би го подобрило процесот, нагласуваат од МИОА.

  Што е потребно за да се подобри процесот за ПВР?

Од МИОА велат дека континуирано преземаат мерки и активности за подобрување на спроведувањето на процесот на ПВР. Во согласност со Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022,  планирано е да се изврши анализа на постојните екс анте и екс пост процеси, со цел оценување на нивната актуелност, корист и употреба, како и дефинирање ефикасен механизам за утврдување на законите што ќе подлежат на екс пост анализи, подготвување препораки и предлог за пристапот за екс анте и екс пост анализи, подготвување прирачник/прирачници за спроведување екс анте и екс пост анализи при креирање политики и специјализирана програма за обука.

Поради зголеменото користење на ЕНЕР како алатка за консултации со засегнатите страни, планирано е да се изврши соодветна надградба и подобрување на функционалноста на ЕНЕР. Со цел зголемување на вклученоста на засегнатите страни во процесот на креирање, спроведување, следење и оценување на политиките, со техничката надградба на ЕНЕР ќе се овозможи поднесување онлајн иницијативи и предлози од засегнатите страни и интеракција со министерствата и ќе се воспостави централно место за консултација на предлог-стратегиите и други стратегиски документи на министерствата.

Од МИОА велат дека ќе ги продолжат активностите за континуирано јакнење на капацитетите на државните службеници за спроведување на ПВР, оценка на спроведување на регулативата, непречено користење на ЕНЕР и соработката со претставниците на засегнатите страни во процесот на креирање политики.

Даниела Маркоска Алексовска   МИА