За билатералните односи, за имплементација на Договорот од Преспа, за продлабочување на соработката, но и за почетокот на авио линијата Атина – Скопје, разговараа меѓу другото заменик-претседателот на Владата на Македонија, Бујар Османи и неговиот домаќин алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, јави дописничката на МИА од Атина.
Османи изрази надеж и негово оптимистичко сценарио дека до крајот на годината Македонија ќе ги заврши уставните измени.
-Го информирав министерот Катругалос за напредокот во однос на имплементацијата на Договорот од Преспа, откако Парламентот со двотретинско мнозинство даде зелено светло за уставни амандмани и ние очекуваме, се надеваме дека до крајот на годината ќе се заврши овој процес, а потоа исто така да биде потврден овде во Грција, а потоа јас верувам дека ќе има експлозија од позитивни можности во соработката на нашите две земји, што ќе станат нови стратешки партнери во регионот, рече Османи по средбата и додаде дека на Грција гледа како земја водич за европската перспењктива на Западен Балкан.
Вицепремиерот објасни дека е фокусиран на подготовка на земјата за преговори со ЕУ и побарал од Катругалос Грција да го сподели нејзиното искуство.
-Разговаравме за промоција и почитување на духот на Договорот од Преспа како договор кој не само што решава еден проблем што ги измачуваше двете земји, туку го стабилизира поширокиот регион и обезбедува европски перспективи на земјите од нашиот регион, рече Катругалос додавајќи дека тоа е цврста политика на Грција.
Османи и Катругалос ја споменаа и одново воспоставената авионска линија меѓу Скопје и Атина, за која вицепремиерот рече дека на „најдобр начин го симболизира поврзувањето на новите стратешки партнери во регионот”.
Веднаш по средбата во грчкото МНР, Османи и Катругалос заедно со нивните делегации се упатија кон атинскиот аеродром „Елефтериос Венизелос”, каде што алтернативниот шеф на грчката дипломатија симболично ќе го испрати вицепремиерот на првиот лет по пауза од над 10 години од Атина за Скопје, во кој ќе биде и дописничката на МИА од Атина.
Летот е во 18.40 часот по локално време, а во Скопје пристигнува по 1 час и 15 минути, односно во 18.55 часот по македонско време.
Делегацијата која ја предводи вицепремиерот Османи по слетувањето во Скопје, заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, ќе биде дел од манифестацијата која по повод првиот лет ја организира ТАВ.