ВМРО-ДПМНЕ ќе се жали во Стразбур за замрзнатиот имот ВМРО-ДПМНЕ подготвува жалба до судот во Стразбур по одлуката на судот позитивно да одговори на барањето на СЈО за замрзнување на имотот. Од најголемата опозициска партија сметаат дека станува збор за политичко мотивирана одлука.

„Прво и основно, не постои мандат, овластувања и надлежност за поведување на барање за определување на привремената мерка од страна на СЈО. Второ и уште поважно, ВМРО-ДПМНЕ како правно лице воопшто не е осомничено во постапката. Судот незаконски задира во правата на лица кои не се осомничени. Единствената намера е политички прогон и нарушување на можноста за нормално делување на политичка партија на опозицијата. Со тоа јавно се испраќа порака за заплашување дека секој може да биде жртва доколку не се согласува или се спротивставува со антидржавните политики на Заев“, рече портпаролот на партијата, Наум Стоилковски.
Од ВМРО-ДПМНЕ вечат дека одлуката на судот е политички прогон на само шест месеци пред избори и притисок од криминалната одродена власт против опозицијата, таа да не може да се подготви за предизборната кампања.
„Веќе не се бираат средства за оваа банда да си обезбеди бришан простор за реализација на распродажбата на се што е македонско и на општиот грабеж“, потенцира Стоилковски.