
Бизнисменот Орце Камчев вечерва со возило беше донесен во Кривичниот суд во Скопје. Возилото влезе директно во гаражите и тој не се појави во јавноста, известуваат повеќе медиуми.
Претходно попладнево и дел од другите осомничени во случајот на СЈО, „Империја“, беа изведени на распит пред судија на претходна постапка.
За Орце Камчев, кој пред неколку години беше прогласен за најбогат Македонец од магазинот „Форбс“, се бара притвор поради опасност од бекство, уништување на докази и влијание врз сведоци.
Во оваа истрага на Катица Јаневао сомничени се тринаесет лица, а освен Камчев, меѓу нив е и поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков. Предистрагата на СЈО покажала дека има основи да ги гони за неколку дела – злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба, како и измама и перење пари од периодот 2002 до 2013.
Орце Камчев во 2005 година беше гонет за даночно затајување поврзано со даночна пирамида, избега во странство , па се врати , и за да не лежи притвор платил кауција од 60 илјади евра за да се брани од слобода.