Лисиците врзани на рацете од медиумите ги сокри со документи. Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески на судењето за уривањето на „Космос“ со одговор: „Старите велат ако не можете по магарето удрете по самарот“, откако судијата го праша дали сега е во притвор. Јанакиески е во скопскиот истражен затвор „Шутка“, откако СЈО побара притвор, бидејќи имале информации дека ќе се даде во бегство на ист начин како Груевски. Според решението со кое му се определи притворот – екс министерот преку посредник барал помилување од претседателот на државата Ѓорге Иванов, за него и сите против кои се водат судски процеси од СЈО. Но, Иванов, го одбил. Јанакиески ги задолжи неговите адвокати јавно да демантираат дека барал амнестија, но и да пренесат дека немал сметки во странство.
Демант испратија и од кабинетот на Иванов, кој е идентичен со ставот на Јанакиески. Бараат одговори од МВР и од судот.
„Сето ова претставува груба полициска манипулација и инволвирање на полициски службеници со што се извршени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување на исправа, употреба на исправа со невистинита содржина“, соопштија од Кабинетот на претседателот Иванов.
Но, што разговарал пред два дена Јанакиески не пишуваше во демантот од Кабинетот на Иванов. Пред една недела иницијативата „Правда за Никола Груевски“ поднесе барање до Ивноав, за стоп на, како што го нарекоа, политичкиот прогон. Во барањето, неофицилано, се бара да запрат сите судења на СЈО.
Паралелно, името на Јанакиески, беше споменато и на судскиот процес за собраниските инциденти. Од презентација на комуникациите на пратеникот Крсто Мукоски кои ги отвори собраниските порти, произлезе комуникација на „Вибер“ со околу 40 луѓе, а меѓу нив поранешни високи владини и партиски функционери на ВМРО ДПМНЕ, како Јанакиески, Спиро Ристовски, Даниела Рангелова, Владимир Неловски, меѓу другите и екс премиерот Емил Димитриев. Мукоски добивал пораки и да ги отвори главните порти на Собранието.
„Шеќерка мене остајте ми ја, отворајте дечки вратите“, добил порака Крсто Мукоски од телефонски број наречен „Колешка Чаир“.
На претходното судење СМС пораките покажаа дека екс собранискиот спикер Трајко Вељаноски и екс премиерот Никола Груевски од претходно знаеле дека се планира напад во законодавниот дом./ Либертас