Стравувањата се остварија на најлош можен начин. На десетици тони плашица заробени во каналот Студенчишта, каде оваа риба влегува да презими, им се заканува изумирање поради недостаток на воздух. Рибата е збиена од половина канал кон Билјанини извори кои немаат вода, а поради недостиг на кислород рибата плута на површината од водата каде умира или е нападната од птици.

-Вакво нешто не паметам во мојот живот. Плашицата нема воздух и умира, доколку нешто не се преземе итно, ќе изумре сета. – ни изјави жител на Охрид.
-Итно мора да се преземе нешто. Гледаме по светот како луѓето се организираат да спасат китови делфини, се ангажираат, а тука никој не презема ништо. Каде се сега екологистите и спортските риболовци, што прават надлежните? Доколку нешто не се преземе ќе ја снема плашицата исто како што ја снема пастрмката. – рече револтиран охриѓанец.
-Имам 59 години и во мојот живот немам видено ваква работа. Подобро ќе биде некој да дојде и да ја излови оваа риба, бидејќи до утре ќе изумре, нема воздух и се мачи. – додава друг граѓанин.
Кај Студенчишта можат да се забележат и граѓани како со кепчиња буквално црпат риба од каналот каде полека умира плашицата. Во моментов угината е помала количина, велат стручните лица кои излегоа попладнево на терен, но рибата е во опасност констатираа тие.
Според стручњаците причина за поморот на плашицата е сушата и драматично намаленото ниво на Охридското Езеро кое во последните шест месеци се спушти за речиси еден метар./OhridNews