На предлог на директорот на ЗОО Скопје, влезот за возрасните посетители поскапува за 30 денари и ќе изнесува 80 денари, а за децата останува 50 денари, пишуваат некои медиуми.

Тоа треба да се случи од јануари следната година. Цената ќе се зголеми само кај билетот за возрасни и тоа од 50 денари на 80 денари. Билетот за децата останува ист 50 денари за дете, а влезот за деца до три години исто така ќе остане бесплатен.
Ова е предлогот на менаџментот на скопската Зоолошка кој ќе го достави на усвојување пред градските советници и кои ќе одлучат дали ќе има или не зголемување на цената.
Како причина за барањето за повисока цена од ЗОО Скопје ги наведуваат низата инвестиции преземени изминатите месеци, како и пристигнувањето на новите животни кои носат нови трошоци.
Во изминатиот период скопската Зоолошка го заврши живеалиштето на слоновите кое чини 400.000 евра, а од септември пристигнаа и двете слоници Даела и Дуња кои одлично се прилагодија на условите во зоолошка. Се доопремува и живеалиштето на шимпанзата кое исто така чини околу 250.000 евра. Се поставија и грејачи во живеалиштето на нилскиот коњ Буцо, а се инвестираше и во заштитните огради на животните.
Во меѓувреме интензивно се работи на чистење на живеалиштата во зоолошката, како и реновирање на најстарите живеалишта. од зоолошката планираат до крајот на летото да ги донесат и пингвините, а нивното живеалиште допрва треба да се доградува.