Претседателката на управниот одбор на Македонската филхармонија, Бранка Костиќ-Марковиќ, информираше дека е разрешена од функцијата на барање на директорот Виктор Илиески. Решението за нејзиното разрешување го добила потпишано од министерот за култура Асаф Адеми. Според неа, таа е отстранета оттаму бидејќи имала забелешки за новата систематизација, односно вработувања на нови 19 лица, за што таа вели дека се прекршувале законските регулативи. Според неа, дел од вработувањата биле нарачани, како што вели, на барање „од горе“.

Костиќ-Марковиќ во своето обраќање до јавноста вели дека во работата на актуелниот директор на Филхармонија, Илиески, има низа на пропусти и таа како претседател на управниот одбор реагирала на тоа.
„Претходната година направивме приоритетна листа за планот за нови вработувања за 2018 и 2019 година, каде што на врвот беа акутните испразнети места во оркестарот, а потоа и некои административни (пред сè во техничкиот дел кој го наложи преселбата во новиот објект), но Илиески не го пратил целиот список, туку селективно на двапати барал места, избрани по негово убедување и назначил во барањето дека токму тие се итни. Меѓу нив имаше и такви што воопшто не беа споменати на ниту една од седниците претходно. Кога како претседателот на одборот го прашав директорот како „осамнаа“ неколку нови работни места и за кого се предвидени, зашто несомнено станува збор за ургенции, тој го кажа дури и името на една личност вработена во дневен весник и рече дека за неа има ургенции „од горе“. Јас се побунив и реков дека нема да дозволам да се случуваат штетни вработувања на сметка на најважните работни места во оркестарот (за кои се добиени само 5 согласности, наспроти другите 14) и кои ѝ ја намалуваат шансата на институцијата да бара нови работни места во иднина“, вели во своето обраќање Костиќ-Марковиќ и додава дека од тој момент започнале личните напади кон неа.
Директорот Илиески во изјава за 1ТВ рече дека изнесените тврдења на Костиќ-Марковиќ се лаги и клевети. Тој тврди дека министерот бил известен дека претседателката на управниот одбор два месеца не ја става на дневен ред точката за усвојување на новата систематизација на Филхармонијата со која ќе се вработат уште 19 лица.
Според Илиески, тоа го правела од лични причини бидејќи условувала со нејзино вработување, но за него тоа било неприфатливо и незаконски таа како претседател на управниот одбор да добие и вработување.
„Ќе беше навистина штета тие 19 лица да не бидат вработени само поради тоа што таа го попречуваше тоа и затоа министерот кој беше цело време информиран донесе решение да ја разреши за да се одблокира донесувањето на новата систематизација“, рече Илиески.
Тој на својот Фејсбук профил најави дека ќе приложи и докази дека бил условуван со нејзиното барање за вработување.
Повеќе ТУКА