Грчкиот европратеникот од Сириза, Димитриос Пападимулис, по средбата со македонскиот заменик министер за надворешни работи Андреј Жерновски, изрази увереност дека Преспанскиот договор ќе биде усвоен во двете земји.

-Нашата дискусија се разви околу настаните во врска со односите на нашите две земји и генералната ситуација на Балканот. Заедничка точка е потребата, но и оптимизмот, ако не и извесноста, дека Преспанскиот договор ќе биде комплетиран, прво во ПЈРМ во јануари, а потоа во Грција, бидејќи двете страни ја имаат потребната политичка волја. Ова ќе ги зајакне билатералните односи и ќе даде нов поттик за регионалната соработка и развојот во југоисточна Европа, изјави Пападимулис за МИА.
Како што јави МИА од Брисел, тој смета дека овој договор ќе биде од корист за цела Европа.
-Соработката на повеќе нивоа помеѓу двете земји во економијата, инфраструктурата, претприемаштвото, туризмот, културата ќе донесат опипливи резултати и ќе биде пример за соработка и помирување за целиот регион и цела Европа, вели Пападимулис.
За него е важно што ЕУ сака да го забрза европскиот пат за земјите од регионот.
-Билатералните односи постојано се подобруваат во нашите земји и интересот на ЕУ да го забрза европскиот тек на земјите кандидати носи нова динамика за регионот. Грција, која излегува од тешка економска криза, покажа дека е столб на стабилност и раст во регионот, рече европратеникот Папдимулис.