Амбасадата на Украина во Загреб упати остар протест до Хрватската радиотелевизија (ХРТ) бидејќи го прикажа Крим како дел од територијата на Руската Федерација и побара извинување од јавниот сервис за „ширење неточни информации“.

Протестната нота на украинската амбасада во Загреб следеше откако „техничката грешка или свесната провокација“ беше објавена во „Дневникот“ на ХРТ за време на интервјуто со министерката за надворешни работи и европски прашања Марија Пејчиновиќ Буриќ.
Додека течеше разговорот, во позадина беше претставена мапа на која, како што се наведува во писмото, „Автономната Република Крим, која е нераздвоен дел од Украина, е прикажана како дел од територијата на Руската Федерација“.
„Ваквото искривување на информациите го сметаме за непримерно и за провоцирање на територијалниот интегритет на Украина“, стои во протестното писмо на амбасадата.
https://www.facebook.com/permalink.php?story_fbid=2162741753737084&id=745679325443341
Од амбасадата истакнуваат дека се уверени дека ХРТ „како авторитетен медиумски ресурс на Хрватска“ не може да има спротивни ставови од официјалниот став на хрватската Влада која цврсто ги поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Амбасадата бара јавно извинување поради „ширење неточни информации“ и замолува да бидат преземени мерки со цел такво нешто да не се повтори во иднина.