Активно работиме да најдеме нов објект во кој ќе биде сместен Центарот за зависници, кој се наоѓа во Кисела Вода. Има три објекти кои се на периферија на Скопје и сега утврдуваме дали тие може да се адаптираат и реновираат и да се даде малку поинаков тип здравствена услуга за тие зависници, затоа што има нови модели на терапија и нов пристап.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека за релативно брзо време ќе го имаат решението.
– Сакаме новиот објект да ги задоволи сите стандарди и да може дополнително да се зајакне услугата во смисла на квалитет, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
Пред десетина дена, градоначалникот на општината, Филип Темелковски и министерот за здравство, Венко Филипче, на граѓаните од Кисела Вода им ветија дека ќе го почитуваат дадениот рок од граѓаните до 1 декември да најдат решение за дислокација.
Од Кисела Вода тогаш рекоа дека не може да се очекува целосно затворање на Центарот за зависници од 1 декември, како што е барањето на граѓаните, но затоа се предвидени мерки што досега не биле преземени.
Жителите околу Ценатрот се пожалија дека децата им играат покрај расфрлани игли и шприцови, а кон средината на ноемвр излегоа на собир против Центарот за зависници и на институциите им дадоа рок до 1 декември за негово дислоцирање.
Рекоа дека не веруваат повеќе на ниту едно ветување од властите кои трета деценија ги лажат дека ќе го дислоцираат Центарот. Најавија дека од 1 декември нема да дозволат зависниците да доаѓаат во Кисела Вода.