Талентирани деца има, на образованието му треба светските трендови да ги препознае

од Марта Пешевска
241 прегледи

  Македонија има талентирани деца. Во генерација во едно училиште во просек се јавуваат по две деца. Тие бараат повеќе знаење од децата во нивната генерација. Образовниот систем најчесто не ги идентификува, а во средината се често неприфатени. За надминување на овој недостаток во образовниот систем многу родители бараат помош надвор од системот преку различни програми насочувајќи го детето во полето за кое тоа е најмногу надарено.

Нела Јолеска, напреден обучувач во „Сикс секндс“, смета дека Македонија има многу талентирани деца. Искуствата со нив, посочува, зборуваат дека тие многу брзо ја разбираат материјата што им се предава на училиште и затоа бараат сѐ поголеми предизвици и се  „жедни“ за подлабоки знаења во нивниот интерес.

Оценува дека токму тука почнува да се создава проблемот кога едукаторот нема доволно знаење и вештини со кои треба да го задржи вниманието на редовната настава на талентираното дете, кога е потребен индивидуален пристап и давање напредни часови и повеќе работа со талентираното дете.

– Поради недостиг на соодветни вештини на едукаторите на децата во редовна настава, како да ги идентификуваат, каде да ги насочат и развиваат талентите на тие деца, многу често на училиште талентираните деца остануваат потиснати, недоволно изразени и неразбрани. Често тие деца се навредувани и отфрлани од нивните другарчиња, затоа што се различни од останатите. Тогаш талентираните деца чувствуваат срам, досада, фрустрација, затоа што не се разбрани и нивната самодоверба може да е ранлива. Овие деца се посебни, понапредни и бараат подлабоки знаења од страна на нивните едукатори. Но ако едукаторите имаат проблем со редовно водење настава со голема група деца, често не се ни временски во можност да им се посветат на индивидуалните потреби на талентираните деца. И проблемот се продлабочува, истакнува Нела.

Таа информира дека затоа имаат развиено систем за идентификување и развој на таленти и вештини на децата и ја развиваат емоционалната интелигенција и на децата и на нивните родители.

– Нашите тренери веруваат, од своето лично досегашно искуство, дека за една година тренинг од државен првак можат да направат европски првак. За успех се потребни фокус, страст и упорност кон развој на талентот, вели Јолеска.

Појаснува дека програмата „Мали и возрасни генијалци“ е лиценцирана едукативна програма базирана на 35 години научно потврдени техники и методи од светски реномирани научници како Даниел Големан и Џошуа Фридман, директор на организацијата „Сикс секндс“. Овие двајца научници успешно дејствуваат во образовниот и деловниот систем во најразвиените земји во светот, а од пред четири години И-кју екселенс, како нивен единствен сертифициран нетворк-лидер за балканскиот регион креираше висококвалитетна и лесно применлива програма за правилен раст и развој на емоционалната интелигенција, природните таленти и клучни способности за младите, но и возрасни индивидуи и тимови.

Програмата „Мали и возрасни генијалци” е збир од практични животни вештини и од заедничко вмрежување на родителите и на децата.

-Целта на овие едукативни програми, како што вели таа, е да помогнеме во создавање генерации кои ќе бидат водечка сила на Македонија, наши идни економски, интелектуални, спортски и политички лидери, претприемачи, министри, менаџери.  Практиката и искуството зборуваат дека најдобри резултати можат да се постигнат ако имаме развиена висока емоционална интелигенција, ако од најмали нозе младите ги едуцираме да имаат висока самодоверба, да донесуваат самостојни одлуки најдобри за нив, да креираат стратегии за тоа како да ги спроведат одлуките и да развиваат натпреварувачки дух и да манифестираат одлучност

Програмата е долгорочна, но во учебната година трае шест месеци. Нова група треба да стартува на средината на овој месец. Јолеска појаснува дека за секое дете поединечно се прави индивидуален профил на негови силни вештини, слаби особини, се прави стратегиски план за развој и се даваат насоки за детето и родителите за усовршување на вештините, се идентификуваат природни и стекнати таленти на детето.

Паралелно со и-кју тренинг, детето работи со втор тренер кој стручно продолжува да работи на практични вештини, како шах, математика, физика, спорт, дизајн, ИТ, спорт, уметност, финансиска интелигенција.

Вклучените во програмата ја поздравуваат, ја оценуваат како корисна и им ја препорачуваат и на другите родители.

– Мајка учесник во програмата вели дека преку неа им се насочува на младите енергијата кон откривање на своите таленти и придонесува до развој на нивна длабока емоционална интелегенција, согледување на своите вредности, развивање на својот ум, како најважни алатки што еден ден ќе бидат одлика на успешно изреализирани возрасни луѓе.

– Овој тренинг им го препорачувам на сите родители кои бурно го следат и сакаат до максимален степен да го гледаат и да го насочат развојот на своите деца на вистинскиот пат. Преку овој тренинг родителите заедно со децата имаат пристап до најдобрата светска практика. Справувањето со понатамошните животни предизвици на вистински начин зависи од правилното учење и согледување на сопствените квалитети уште од мали нозе, вели мајка чие дете е вклучено во програмата.

Таа додава дека талентот треба да се открие и да се научи како да се негува. Сепак, смета, иднината зависи и останува на младите.

Според Калина Спироска, педагог во основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“, ако сакаме да бидеме во чекор со светските трендови во третманот со надарените ученици, потребно е поголемо залагање на сите компоненти во образовниот процес, најнапред во изработка на соодветна методологија за идентификација, потоа едукација на наставниот кадар и стручните соработници во училиштето.

-Надарените и талентираните според нивните способности, можности и резултати ги надминуваат достигнувањата на просечните. Движењето на едно општество кон научниот, техничко-технолошкиот и општествениот прогрес сѐ повеќе зависи од неговите вкупни потенцијали, во прв ред од најкреативните негови членови, со колкава грижа ги негува, поддржува и поттикнува, појаснува Калина.

Таа оцени дека носител на работата со надарените ученици во воспитно-образовниот процес е наставникот, кој се јавува во неколку улоги, и тоа: како стимулатор на разните облици на надареност, како поттикнувач на мотивацијата за одржување на интересот на детето за одделени подрачја, реализатор на програма за надарени ученици, менторирање на надарените ученици во совладување сложени вештини со цел постигнување поголема внатрешна мотивација и подготовка за самостојна творечка работа.

Она што ги отсликува талентираните ученици и по што се разликуваат од другите, појаснува педаготот, е тоа што имаат изразито висок училиштен успех, богат речник и рана способност за читање, адаптираност во општествената средина, високо ниво на енергија и активност, неограничена љубопитност, креативност и оригиналност, лидерски способности, решавање задачи и проблеми на нов начин, умешност во самостојната работа…

Просечно во генерација се појавуваат по двајца ученици кои се издвојуваат со постигнување високи резултати во различни области (природни науки, уметност, спорт, јазик итн.). Но кога станува збор за надарен ученик со изразито високи резултати во една или повеќе области, може да се каже дека се појавува еден ученик од прво до деветто одделение.

Како поддршка на талентираните од системот се предвидени стипендии и ваучери што ги доделуваат МОН и некои од општините за освоени први места на државно и меѓународно ниво.

Општините доделуваат стипендии за учениците од осмо и деветто одделение кои постигнале високи резултати на државни и меѓународни натпревари во областа на спортот и науката, како и еднократен ваучер на крајот на учебната година во парични средства за талентите со високи резултати на државно и меѓународно ниво.

МОН доделува еднократен ваучер за учениците од 7 до 9 одделение за постигнати високи резултати на државно и меѓународно ниво, како и стипендии за учениците од деветто одделение кога продолжуваат во средно училиште.

Според Калина, иако се прават напори, сепак инвестирањето и задржувањето на надарените ученици треба да бидат приоритет, што ќе значи мобилизација на сите општествени, институционални и други механизми за да се обезбеди создавање силни индивидуи кои ќе го водат општеството.

Сузи Котева Стоименова