Бектеши: Можни измени на Законот за зелени пазари, но по Нова година

од desk2
251 прегледи

Законот за трговија на зелените пазари ќе почне да се применува од 1 јануари 2019 година, но можно е да се донесат измени во многу скоро време ако се констатираат какви било недоследности или ако се потврдат укажувањата на пазарџиите кои бараат негово одложување, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Инаку, како што вчера објавија некои медиуми, пензионерите, вработените и лицата кои имаат некаков хонорар нема да можат да продаваат на тезгите на зелените пазри од Нова година. Поради оваа измена во Законот за трговија, на пазарите ќе се намали бројот на пазараџии и прометот дури за 30 проценти, смета Стопанската комора. Затоа бараат тој да биде одложен за некое време.

„Секој кој наоѓа интерес да тргува на зелениот пазар треба да го оствари тоа право зошто државата има форма како да си го наплати својот дел, односно персоналниот данок за сите оние кои тргуваат на зелените пазари. Не гледаме пречка зошто овие категории не би мижеле да тргуваат повторно на зелените пазари.“ – вели Даниела Михајловска, Стопанска комора.

За помалку од 15 дена тезгаџиите треба да имаат лиценци за работа. Но една лиценца се врзува само со една тезга, така што пазарџиите треба да извадат повеќе лиценци ако сакаат да држат повеќе тезги на еден пазар. Законот предвидува пазарџиите да плаќаат персонален данок, како и здравствен и инвалидски надоместок. Министерот за економија, до кого е испратено барањето за одложување на примената на законот, вели дека ќе ги разгледа барањата на тезгаџиите и ќе донесе одлука. Во Македонија пазарите се празнат на сметка на дивите продавчи. Според статистигата има околу 20 илјади закупци на тезги на пазарите.

Бектеши најави дека оваа недела ќе има средба со Комората на пазарџии за да поразговара околу нивните забелешки и предлози што ги добил дури вчера. Измени на Законот се можни, но прекратко е времето да се реагира веднаш, односно до први јануари. Само две недели, смета министерот, не се доволни за каква било интервенција.

-Не верувам дека измени ќе може да има овие две недели зашто предлозите ќе мора да се достават до Собранието, а имајќи ја предвид неговата агенда, не верувам дека до крајот на декември ќе може некој друг закон да помине, особено не некој што не е во процедура. Но, треба да биде јасно дека Законот е усвоен на почетокот од оваа година, на иницијатива на група пратеници, а Министерството за економија беше должно да ги донесе подзаконските акти. Комората, пак, на пазарџиите која излезе со нови барања е основана кон крајот на април 2018. Но, ние ги добивме нивните предлози и во текот на оваа недеа ќе седнеме, ќе разговараме детално, ќе ги анализираме и зошто да не, во кратко време може да направиме измени и дополнувања на Законот. Сепак, мора да се има предвид дека треба да почекаме и да виидме како ќе се спроведе новиот Закон. Во моментот кога ќе констатираме заедно со коморите дека има недостатоци, секако ќе направиме измени и дополнувања, објасни Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по доделувањето на наградите „Претприемач на годината“.

Според него, ако се согледаат какви било недостатоци од Законот особено по неговата имплементација во 2019 година, измени секако ќе бидат предложени.

Комората на трговци на зелени пазари вчера побара одложување на примената на Законот
поради, како што укажа, ненавремено донесени подзаконски акти и немање дефинирани услови за тоа како ќе изгледа лиценцата за вршење дејност.