Помеѓу Руска салата и Кока Кола

од Vlatko K
342 прегледи

Мешавината на руска, американска и српска кујна, често се покажува како „убиствена” комбинација за дигестија. Колумна на Петар Арсовски, за  DW .

  Petar Arsovski (Petar Arsovski)Втори јануари, за нас Македонците, секогаш бил ден на ретроспектива. Најголем дел со каење се „опоравуваат“ по славењето, и секој има своја мака – кој го боли глава, кој потрошил премногу, кој се самоказнува за сите сарми, прасечко и руска салата, па си ветува дека „од понеделник“ е на диета. За повеќето од нас, не е проблем само количеството, туку и миксот кој сме го набутале во клоаката за време на празниците, комбинации кои се слатки додека ги конзумираме, но потоа во желудникот, а и после него, ни прават „шарена револуција”. Така, на пример, секој добро воспитан Македонец, знае дека на секоја дадена новогодишна трпеза, со кифлички совршено одат Руска салата и Кока Кола, најдобро во фил со српски сарми и прасечко. Арно ама, тој микс на руска, американска и српска кујна, иако навидум лесно компатибилни, всушност често се покажуваат како „убиствена” комбинација за дигестија. За среќа, најчесто, додека ги конзумираме овие, во основа контрадикторни, јадења, добро сме залиени со ракија, па не ни е многу гајле дека може да си направиме проблем – тоа ќе го мислиме утре, додека на „врти” стомак и ни „пука” глава.

Помалку гестови, повеќе работа

Ви звучи познато? Е, имено, јас мислам дека 2019-та ќе биде година на „вртење стомак” и „пукање глава”, и за нас како граѓани, и за политичките елити. Мислам дека еуфоријата и залетот од менувањето на стратешкиот курс дома и надвор, кој е најголемиот аргумент за силната меѓународна поддршка која ја уживавме досега, во 2019 ќе спласне. Како што првата фаза на „стратешки потези” – договорот со Преспа – ќе ја доживее својата завршница, и како што фокусот ќе се врти на испорака на реални системски промени дома, така патот ќе станува сѐ потежок. Колку што работите повеќе ќе зависат од нашата подготвеност за работа дома, толку нашата индолентност и некадарност повеќе ќе испливува на површина, и како што напредокот помалку ќе зависи од гестови, а повеќе од домашна работа, така работите ќе одат сѐ потешко и сѐ побавно. Дури и ако прифатиме дека тековните политички компромиси се неопходни (колку и да не ни се допаѓаат), и за такви „трикови” и „скратени патчиња” ќе има сѐ помалку простор во годината која доаѓа. Како што ќе ги потрошиме сите кратенки и брзи решенија, и како што останатиот дел од агендата реално ќе зависи од нас, нашите засукани ракави и домашна политичка волја, така повеќе стравувам за напредокот. Ние сме шампиони во политички гестови, парадирање и брзи маневри, но трансцедентално мрзливи и монументални забошотувачи во реална работа, а наредната година ќе биде година на реална работа – „капиш”?

Повторно валкани компромиси?

Втората голема главоболка која ни претстои се, секако, претседателските избори. Ова од две причини: првата е реалната можност ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира (јавно или тајно, како за референдумот) овие избори, а втората е дека дебатата за начинот на избор на претседател ќе исплива на површина пред или за време на изборите. По ред: Мицковски знае дека партиската позиција му е загрозена од поделбите кои ги доживува ВМРО-ДПМНЕ во овој период, и знае дека гласовите кои ја застапуваат тезата дека партијата мора да се реформира и конечно да се „откачи” од наследството на старото раководство, па со тоа и да се ребрендира како прозападна, се сѐ погласни. Тој е последниот репрезент на тоа старо раководство, и знае дека губењето на претседателската трка секако ќе биде повод за ревизија на неговото работење, можеби нов конгрес, и повик за негова смена. Така, мислам дека воопшто не треба да се отфрли можноста, помеѓу загрозена позиција, и нова политичка и уставна криза, тој да одбере нова криза.

Нужниот цензус од 40% за избор на претседател во вториот круг прави да биде безмалку невозможно тој да биде избран ако ВМРО-ДПМНЕ повторно ги бојкотира и овие избори, имајќи ги предвид резултатите од референдумот. Таквата криза нужно ќе ја забрза дебатата за тоа на како и на кој начин треба воопшто да се бира Претседателот на РМ.

Други колумни од авторот:

95-0-0

Клатното

Јас мислам дека таа дебата секако ни претстои – сакале, не сакале – зашто постои сериозна дискрепанција помеѓу легитимитетот со кој се избира ПРМ и неговите ингеренции, која ќе биде повод за нови проблеми во иднина. Ние ПРМ бираме со повеќе гласови одошто која било владејачка партија, а неговите ингеренции се минимални. Или треба да го бираме со далеку помалку легитимитет (или без цензус или во Собранието), или треба да му ги засилиме ингеренциите, ако веќе бараме да биде избран со толку широка поддршка. Како и да е, таа дебата ни претстои, но ако Мицкоски ги бојкотира претседателските избори, ние истата ќе ја имаме во услови на нови куси рокови, уставна и политичка криза, и поделени политички елити и електорат – во принцип рецепт за лошо решение. Притоа, треба да имаме предвид дека во сегашниот состав на парламентот, создавање таква нова политичка криза за чија разрешница повторно ќе бидат неопходни 80 пратеници, е најдобриот рецепт за старото раководство на ВМРО-ДПМНЕ (за чија теледиригирана испостава во моментов се смета Мицкоски), да остане политички релевантно и значајно. Дури и само таа една причина е доволна за таков драматичен потег – што ќе ни ја направи 2019 повторно година на главоболки и нужни валкани компромиси.

Криза во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Потоа, во 2019 ќе следи нужна криза на двете големи партии, но и на останатиот празен политички простор.  Во 2019-та, СДСМ најверојатно нема да испорача доволно, а и ВМРО-ДПМНЕ најверојатно нема да се реформира доволно, за која било од овие партии за доживее нова ренесанса. Притоа, во услови на брзи политички промени и поларизиран електорат, ќе биде многу тешко да се артикулира нова политичка опција.  Значи, во 2019 ќе имаме многу заробени гласачи – незадоволни, но лојални, што од омраза кон другите, што од недостаток на алтернатива. Тоа ќе предизвика криза во двете поголеми партии во македонскиот блок, кои ќе продолжат со своите паралелни, спротивставени и непомирливо различни наративи. Тоа ќе направи ниту едната од нив да не може лесно да мобилизира поддршка за своите проекти и политички производ, додека во меѓувреме незадоволството, разочараноста, цинизмот и апатијата ќе растат. Фактот, притоа, што сме „фатени во орото” за евроатлантските интеграции, и немаме време за ново политичко “делење карти”, само ќе го направи тоа незадоволство стагнантно, заробено, мрачно.

И така, ако во напливот на евроскептицизам ние сепак во 2019 добиеме датум за преговори, тоа е последната наша шанса која нема да смееме да ја пропуштиме, и ќе мораме да изградиме механизам за брза испорака на бараните реформи. Ако знаеме дека политичката распределба ќе биде во релативен „жабарник” во 2019, а нужните реформи ќе изискуваат исклучителна ефикасност (зашто инаку нема шанси да го надоместиме изгубеното време), постојат само три опции за градење на широка политичка поддршка која ќе овозможи ефикасност од неопходниот ранг: или нови избори, или ново ефикасно и авторитарно СДСМ, или нова широка влада.  Па вие мислете од кое од овие три најмногу ќе нѐ „врти стомакот” или ќе ни „пука главата” во 2019.

DW.COM

Слични содржини