Кјото, некогашниот главен град на царската Јапонија, е сместен на островот Хоншу, а подрачјето е населено уште од 7. век. Во Кјото се наоѓаат дури 2000 храмови и светилишта, а ги посетуваат околу 30 милиони туристи секоја година.

Во стариот дел на градот се наоѓа 20 % од вкупниот број на локалитетите со статус на јапонско национално богатство, а ставени се на листата на Унеско во 1994.
Да наведеме само неколку, тука е Фушими Инари, светилиштето на шинтоистичкиот бог на оризот, храмот Кинкаку-џи, изграден во 1397. за шогунот Ашикага и Санџусангендо, еден од примероците на најубавата религиска уметност на светот, некогаш дел од будистичкиот комплекс, наречен Храм на Лотосовиот крал. Интересен е и замокот Ниџо, седиштето на најмоќните луѓе низ вековите.
Освен древните храмови, градот вдомува и бројни други знаменитости, како што е Иуатајама, паркот на мајмуните, каде живеат околу 170 јапонски макакии, разновидни музеи како што се преубавата Ботаничка градина, Меѓународниот музеј Манга, Националниот музеј и музејот на парните локомотиви Умекоји.
Ако сте заинтересирани за искуство на уникатни, специфични локални традиции, можете да го посетите театарот Минамиза, еден од најстарите театри каде што се прикажува Кабуки, вид на јапонска претстава и перформанс, изграден во раниот Едо период, 17. век. Можете да присуствувате и на традиционалните чајни церемонии, кои се единствено естетстко и едукативно искуство. Се нудат и Гејша шоуа, но за ова искуство потребно е да се резервира многу порано, заради голем интерес.
Една од најпопуларните дестинации за забава е улицата Кијамачи, која е преполна со барови и клубови. Зависно од вашите преференци, можете да одберете помеѓу местата за лудување и клубовите со опуштена, мирна атмосфера за конверзации и уживање со пријателите.
Како и секаде во Јапонија, во Кјото се наоѓаат многу караоке барови, па, ако сте доволно храбри, можете да се обидете да уживате и во овој вид на популарна забава.