Град Скопје од 18 часот го укинува бесплатниот јавен превоз

од desk2
75 прегледи

Од Град Скопје информираат дека по добиените информации од Министерството за животна средина дека среднодневните концентрации на ПМ10 честички во воздухот се под дефинираниот праг на алармирање, денеска од 18 часот ќе бидат укинати вонредните мерки меѓу кои e и бесплатниот јавен превоз, како и интервентните препораки за намалување на загадувањето на воздухот што беа воведени на 20 јануари 2019 година.

„Овие мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, а за што граѓаните ќе бидат навреме информирани“, велат од градската администрација.

И покрај расчистувањето на воздухот Градот Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.