Десетката на СДСМ станува квартет Постапката за избор на кандидат на СДСМ за претседател на државата се очекува од следната седмица да се пресели во партиската база. Централниот одбор на партијата, на денешната седница, која е закажана за 19 часот (а еден час претходно ќе заседава Извршниот одбор), веројатно, ќе ја почне постапката за избор на претседателскиот кандидат. По неколку анкети што беа направени за оваа цел, сега прво месните, а потоа и општинските организации на партијата треба да ги евидентираат можните кандидати за шеф на државата, пишува Независен весник.

Според проценките, базирани и на анкетите со кои се испитуваше пулсот на пошироката јавност, а не само на традиционалното гласачко тело на СДСМ, во потесниот круг влегуваат четворица кандидати. Од една страна се вицепремиерите Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, меѓу кои би се одлучувало доколку натежне проценката дека партијата би требало да настапи на изборите со потврдо партиско решение. Од друга страна се Стево Пендаровски, националниот координатор за НАТО, и министерот за надворешни работи Никола Димитров, како понеутрални решенија, кои, наводно, подобро фигурирале во анкетите што ги нарачала партијата од две познати агенции за испитување на јавното мислење.
На тест беа десетина потенцијални кандидати, иако, според информациите, дел од нив се ставени на списокот само за да се тестира какво е расположението на граѓаните за одредени профили на личности. Меѓу потенцијалните кандидати за кои се испитува јавното мислење е и универзитетскиот професор Денко Малески, кој важеше за фаворит на ДУИ за консензуален кандидат за шеф на државата. Но Малески се огласи вчера во јавноста со текст во „Плусинфо“, објавен под наслов „Не сум претседателски кандидат“.
Целиот текст ТУКА