Додека не ја означиме како незаконита амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов на осомничени, но и на сведоци во постапките на СЈО, како незаконита, овие случаи ќе паднат пред Европскиот суд за човекови слободи и права во Стразбур, смета професорот по кривично право Гордан Калајџиев, пишува СДК.

„Досега беше можно, но немаше мнозинство Ѓорге Иванов да одговара и политички и кривично. Со Уставот се уредени и едната и другата работа. Уште има време за тоа, дури и кога ќе му истече мандатот, бидејќи тогаш ќе отпаднат некои механизми што го штитат сега како претседател. Злоупотребата беше во тоа што тој де факто направи амнестија, а не помилувања. Помилувањата се предвидени за претседателот на државата како мали интервенции во случаи на индивидуална правда, а овде имавме групна амнестија што Уставот свесно, како и во други држави, ја дава на Собранието, како орган кој има мнозинство и сепак не е поединец“, вели Калајџиев.
Според него, вака дадената и повлечената амнестија остава впечаток дека се дадени арбитрарно, а во очите на Стразбур Иванов не е припадник на одредена политичка елита, туку претседател и орган на државата.
„Излегува дека тие случаи ќе паднат пред Стразбур затоа што некој орган на државата си игра со судбините на луѓето. Дал еднаш помилување, тоа е крај за судбината на тој граѓанин и утре се повлекува. Тука може утре да има проблеми и со постапките на СЈО, бидејќи кога имате помилување, правно, според ЗКП, тие предмети треба да се сопрат. А СЈО не ги сопре, очекувајќи политички притисок“, рече тој.
„Поради тоа што политиката го доминира правото, многу решенија се извртени. Мојата идеја затоа е дека мора да се стави крај на тоа да се толкуваат законите така како што мислиме дека политички е исправно. Законот треба да биде закон и да важи за сите, а одговорност на Собранието е какви закони ќе донесе“, смета Калајџиев.
Тој на дебатата во МАНУ за статусот на СЈО во рамки на судските реформи, остро забележа и на едно друго ноншалантно и полузаинтересирано однесување на обвинителството, и тоа во присуство на државниот обвинител Љубомир Јовески и на претставник од ОЈО за организиран криминал.
Целиот текст на СДК