Ричард Бренсон сака да отпатува во вселената во наредните пет месеци

од desk2
120 прегледи

Британскиот бизнисмен Ричард Бренсон тврди дека ќе отпатува во вселената со помош на ракетата на неговата компанија Virgin Galactic во наредните пет месеци. Бренсон сака да отпатува во вселената и така да ја одбележи 50-годишнината од првото слетување на Месечината, кое се случило на 20 јули 1969 година.

„Сакам да одам во вселената на 50-годишнината од слетувањето на Месечината. Работиме на тоа“, изјави Бренсон пред некој ден. Претходно овој 69-годишен авантурист изјави дека целта му е кога ќе полета во вселената да има тело на триесетгодишен младич, па затоа напорно тренирал.

Бренсон се натпреварува со компанијата SpaceX на Илон Маск и со компанијата Blue Origin на Џеф Безос, а целта е испраќање на патници во вселената. Минатата година Virgin Galactic успешно лансираше летало во вселената по прв пат во својата историја. Леталото VSS Unity леташе се до работ на вселената, а потоа безбедно слета и се спушти во пустината Мохаве.

Повеќе од 600 луѓе имаат платено билети или дале депозити за лет со вселенското летало на Virgin, меѓу кои и актерот Леонардо ди Каприо и поп ѕвездата Џастин Бибер. Дваесетминутно летање со леталото чини 250.000 долари.