Европската унија се договори да ги намали емисиите на јаглерод диоксид (CO2) со нови камиони и автобуси со 30 проценти до 2030 година, што е дел од заложбата на Заедницата да го намали производството на стакленички гасови, соопштува “Ројтерс”.

Европскиот парламент и Европскиот совет, кој ги претставува 28-те земји членки на ЕУ, постигнаа компромис, според кој ќе бидат намалени средните емисии на CO2 во споредба со нивоата од 2019 година, се наведува во соопштението на Европската комисија.
ЕУ во моментов нема граници на емисии од тешки товарни возила, за разлика од другите земји, како што се САД, Кина, Јапонија и Канада. Камиони претставуваат речиси една четвртина од емисиите поврзани со транспортот.
Ограничувањата во транспортниот сектор, единствениот во кој емисиите сеуште се зголемуваат , имаат за цел да помогнат на Заедницата да ги исполни целокупната цел за намаливање на стакленичките гасови за најмалку 40 проценти под нивоата од 1990 година до 2030 година, согласно Парискиот договор, кој беше склучен во 2015 година.
Европската унија исто така има амбиција да стане неутрална во однос на климата од 2050 година, што значи практично да не испушта гасови со ефект на стаклена градина.
Во декември, ЕУ постигна разбирање за целите за намалување на емисиите од автомобили и минибуси.
Асоцијацијата на европските автомобилски производители (ACEA) лобира за далеку пониски цели за намалување на емисиите за камиони, истакнувајќи дека нивниот потенцијал за електрификација е далеку помал отколку за автомобили, особено за камиони за превоз на долги релации.