ИРЛ обезбеди електронски преписки помеѓу сопственици во локалните и регионалните телевизии и радијата кои веќе дебатираат за најдобрите модели за ваквата поддршка. Ни потврдија дека на тема „Фонд за медиуми“ имало средба со министерот Поповски, која се одржала на крајот на јануари.

Од овие еснафски здруженија велат дека биле повикани да разговараат општо за состојбите во медиумите, а на крајот министерот ги прашал за мислење за субвенции во националните, локалните и регионалните електронски медиуми. Но, нивните впечатоци биле дека министерот само го опипувал пулсот на здруженијата. Тие биле изненадени што Поповски повторно ја споменува оваа тема, а нивните стравови лежат во праксите на корупција на медиумите од претходната власт.
Министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски идејата за фондот ја претставува како добра волја на Владата да им се помогне на телевизиите, со оглед дека субвенции побараа и добија и весниците.
„Владата дава простор доколку има иницијативи од телевизиите и новинарските здруженија да ги разгледа и отворени сме да им помогнеме доколку од нас побараат помош“, изјави за ИРЛ Роберт Поповски.
Поповски додава дека критериумите и начинот на распределба на парите од Фондот, Владата остава да ги договорат новинарските здруженија. И тврди дека не е точно дека веќе се договараат детали.
Но, со оглед дека Фондот подолго се „крчка“, дел од сопствениците на локалните медиуми сфатиле дека тоа е договорена работа, па до Агенцијата за медиуми една гостиварска телевизија на 18 фебруари испратила допис и бара да и’ се исплатат пари.
Сопствениците на локалните телевизии инсистираат парите од фондот да бидат наменети за развој на медиумите кои се во лоша финансиска ситуација, а тоа се локалните и регионалните телевизи. Но, Поповски инсистирал дека пари мора да има и за националните телевизии.
Според информациите на ИРЛ, на 1 март во Струмица ќе се одржи првата официјална дебата на која ќе учествува и министерот Роберт Поповски и на која ќе се отвори прашањето за потребата од формирање и начинот на распределба на парите од Фондот за медиуми.
Еснафските здруженија и Синдикатот се против кеш пари од буџетот.
Повеќе на ИРЛ на следниот линк.