Орбан: Миграциската криза во Европа може да се повтори со уште поголема сила

од Vladimir Zorba
81 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан смета дека миграциската криза во Европа може да се повтори со уште поголема сила и дека миграциските прашања треба да се решаваат не од Европската комисија, туку од нов орган со учество на министрите за внатрешни работи на земјите од Шенген зоната.

„Сè што видовме од 2015 година повторно ќе се случи со поголема сила“, рече Орбан во интервјуто објавено денес во германскиот весник „Велт“, цитиран од ТАСС. Тој призна дека постои несогласување меѓу властите на Унгарија и Германија за миграциските прашања.

„Заладувањето во политичките односи се појави единствено заради миграцијата. Ние инсистираме на правото на самоодбрана на секоја нација, Германците следат друга филозофија“, рече Орбан.

Според унгарскиот премиер, треба по моделот на Еврогрупата да се создаде совет на министрите за внатрешни работи на земјите што немаат гранична контрола.

„Министрите за внатрешни работи на земјите од Шенген мора да создадат силно тело, во кое релевантните прашања можат да се решаваат, како што го прават тоа експертите, а не политичарите“, рече Орбан.

Тој исто така изјави дека властите на Унгарија ќе продолжат со кампањата на ширење на постери со ликот на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и на финансиерот Џорџ Сорос, придружени од натписи како „Тие сакаат да воведат задолжителни квоти за раселување на мигранти“, „Тие сакаат да ги ослабнат земјите на ЕУ“ и „Кој знае што ни подготвува Брисел?“

Орбан објави дека наскоро ќе се појават и плакати со ликот на првиот заменик-председател на Европската комисија, Франс Тимерманс. Оваа кампања се одржува во Унгарија пред изборите за Европскиот парламент во мај.