Во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦ) – Скопје денеска ќе се одржи конференција на која тема ќе биде начинот на кој се избираат управувачките структури и процедурите со кои што се управуваат јавните претпријатија, државните претпријатија и независните тела.
Настанот во Скопје е дел од проектот „Кон добро управување во државните претпријатија и независните тела” (Improved good governance of state owned enterprises and independent state bodies) – финансиран од Обединетото Кралство преку Владата на Обединетото Кралство.
На конференцијата ќе се презентираат наодите од истражувањата како и препораките за подобрување на правната и инстуционалната поставеност кога се работи за назначувањата на управувачките структури.
Деталните наоди од досегашните истражувања, според ИДСЦ, откриваат дека овие организации поради недостатокот на процедури оставаат простор за коруптивни и клинетелистички влијанија. На конференцијата ќе бидат презентирани и препораки за подобрување на состојбата.
-Истражувањата на правните процедури кои ги уредуваат процесите на избор и назначување на членовите на управувачките органи на овие организации укажуваат на недостаток на критериуми и транспарентност кои ќе гарантираат избор на најквалификувани лица за дејностите кои ги извршуваат институциите. Истражувањето на биографиите на лицата кои се назначени за членови во управните и надзорните одбори укажуваат на недоволно искуство и образование за областите во кои работат организациите кои ги управуваат. Се забележува и значителна родова нееднаквост во застапеноста во управувачките структури, наведуваат од Институтот за демократија.