„Nike“ ќе го врати логото „RF“ на Роџер Федерер

од Vladimir Zorba
148 прегледи

Скоро една година откако престана да носи опрема на „Nike“, Роџер Федерер ќе може да се го врати логото „RF“ што беше создадено од американската компанија. Носителот на 20 Гренд слем титули моментално ја носи опремата на јапонската марка „Uniqlo“.

Откако 10-годишниот договор со „Nike“ истече, логото со неговите иницијали остана во сопственост на американскиот концерн.

Според информации на „Tennis Now“, во најскоро време Федерер ќе ги добие назад правата на логото „RF“ и се очекува тоа да се појави на опремата на „Uniqlo“. Изданието прецизира дека од „Nike“ ги повлекле од пазарот сите производи од серијата „Роџер Федерер“.

„Ова е јасен знак дека Швајцарецот ќе може да ги користи повторно своите иницијали“, додаваат од „Tennis Now“.

„До последен момент бев со нивна опрема, бидејќи ги почитувам и секогаш сме имале добри односи. Во моментов моите иницијали се кај нив, но верувам дека наскоро ќе можам да ги користам. Верувам дека од „Nike“ ќе пројават разбирање“, рече Федерер за време на минатогодишниот „Вимблдон“, кога играше за прв пат со опрема на „Uniqlo“.

Тој потпиша 10-годишен договор со јапонската марка, а според неофицијални информации, неговата вредност е 300 милиони долари.