Почна вториот Дигитален самит на Западен Балкан

од Vladimir Zorba
74 прегледи

Во Белград денеска почна вториот Дигитален самит на економиите на Западен Балкан, на кој се присутни околу 4.000 учесници и 200 говорници од 30 економии, кои ќе ги претстават најновите трендови во областа на ИТ индустријата.

Самитот го отвори српската премиерка Ана Брнабиќ, а на првиот панел ќе зборува и еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел и генералниот секретар на Меѓународната унија за телекомуникации Хоулин Жао.

Во рамки на Самитот најдобрите ИТ компании ќе имаат можност да им се претстават на политичките и бизнис лидерите од Западен Балкан, Европа и светот.

Учествуваат голем број министри за информатичко општество и дигитална економија, претставници на Европската комисија, ИТ индустријата и стопанството од регионот и светот. Претставник од Северна Македонија е министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Дигиталниот самит е еден од симболите на регионалната соработка, а инициран е со Берлинскиот процес.

Првиот Дигитален самит се одржа во Скопје во април минатата година.