
Србија и Евроазиската економска унија (EAEU) ќе потпишат договор за создавање на зона на слободна трговија во октомври оваа година, пренесува „B92“. Веста беше објавена од страна на членот на одборот на EAEU, Вероника Никишина, цитирана од ТАСС.
„Оваа година ги завршивме преговорите со Србија и сега стартува постапката за потпишување на договорот. Се надеваме дека тој ќе биде парафиран во октомври“, изјави Никишина на меѓународна конференција во казахстанскиот главен град Нурсултан (поранешната Астана).
Рускиот амбасадор во Белград, Александар Чепурин напиша на Твитер во четвртокот дека преговорите со Белград се завршени и дека постапката за потпишување на договорот во октомври веќе е во тек.
Договорот, подготвуван неколку месеци, ќе ги зацврсти врските меѓу Русија и Србија. Белград е најверниот руски сојузник на Балканот, а двете земји имаат многу заеднички проекти. Слободната трговија на Србија со EAEU беше дискутирана и за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин во Белград во почетокот на годината.
Во меѓувреме евроазиската унија договара зона за слободна трговија и со Сингапур, а договорот треба да биде потпишан до крајот на годината.