Денеска, во дел од медиумите беше пренесена лажна вест дека министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска го користи службеното возило за да оди на собирот за поддршка на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
Ваквите објавени содржини се манипулативни и невистинити, најостро ги демантираме и бараме најпрвин повлекување на ваквата вест, а потоа и јавно извинување од страна на оние кои ја споделија веста без да направат проверка на фактите.
Сите знаат дека службените возила на министрите, како од претходната влада, така и оваа, се Фолксваген – Пасат, а не како што се тврди лажно со објавената слика во која министерката влегува во возило “Мерцедес”, кое е во приватна сопственост.
Воедно, во оваа прилика сакаме да потенцираме дека лесно може да се провери сопственоста на возилото, дека истото не е дел од возниот парк на Министерството за правда, ниту пак Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), ниту пак на било која друга јавна институција. На денешниот митинг, министерката отиде со приватно возило на нејзин сопартиец кој одеше на истиот митинг.
Единствениот кој досега се возеше во она на “М” купено со државни средства, е бегалецот од правдата, г. Никола Груевски, се вели во деемантот на Министерство за правда.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ пак ја обвини за Рената Треневска Дескоска дека користела службено возило да оди на партиски митинг. Затоа партијата побара одговорност и оставка од министерката за правда.
Најголемата опозициска партија во државата побара од државната комисија за спречување на корупција, од јавното обвинителство и од другите надлежни институции да покренат прекршочни и кривични постапки.
Антикорупциската комисија на веб страницата неодамна објави и регистар на сите службени возила кои можат да се пребаруваат по регистарска таблица и кои исто така можат да се пријават доколку граѓаните забележат дека државни возила се користат во партиска кампања.