МВР Билтен
На 20.04.2019 година во 11.50 часот на Граничниот премин „Меѓународен aеродром Скопје“, при пасошка контрола било констатирано дека на патната исправа на лицето О.С.(20) од Република Турција имало залепена фалсификувана британска виза и британски штембил. Лицето било приведено и предадено на инспектори од Регионалниот центар за гранични работи Север за понатамошна постапка.
На 20.04.2019 година во 16.35 часот во Полициската станица Струга било пријавено дека спроти основното училиште „Јосип Броз Тито“ на ул.„Димче Ковачески“ во Струга, на ѕид од помошен објект на детска градинка имало испишан графит во врска со претседателските избори. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 21.04.2019 во 00.45 часот на регионален пат Куманово- Свети Николе во близина на крстосница со нас.Ајдучка Чешма патничко моторно возило „Мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.Ј.(40), удрило во В.Ц.(37-год.-полициски службеник) и А.М. (25 год, кандидат за полициски службеник), кои биле на службена должност. В.Ц. починал на местото на настанот, а А.М. со тешки телесни повреди е пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. С.Ј. со возилото „Мерцедес“ избегал од местото на настанот, по што на регионалниот пат Куманово-Св.Николе удрил во патничко моторно возило „Шкода“ со кумановски регистерски ознаки, управувано од Н.П.(34). Возачот на возилото „Шкода“ и сопатникот Д.Ј. (42) се здобиле со тешки телесни повреди, а А.Ј. (52) со телесни повреди, при што Д.Ј. е пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, додека останатите повредени се пренесени во болницата во Куманово. С.Ј. е пренесен во болницата во Куманово, а против него во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава.
На 21.04.2019 година во 00.50 часот на булеварот „Маршал Тито“ во Неготино се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Фиат Фиорино“ со неготински регистарски ознаки, управувано од В.З.(19) од Неготино и мотоцикл „Мондиал“, управуван од Г.С.(20) од с.Војшанци,неготинско. Во незгодата Г.С. се здобил со тешки телесни повреди, по што бил пренесен во ЈЗУ-Кавадарци, а потоа во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен бил увид на местото на настанот.
На 20.04.2019 година во 19.40 часот во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со повреди од сообраќајна незгода бил донесен Ј.М.(82) од Скопје. Во разговор со полициските службеници тој изјавил дека истиот ден околу 18 часот на улица „Маџари“ бил удрен од мотоцикл со непознати регистарски таблици, кој го напуштил местото на настанот. Се работи на расчистување на случајот.