Синот на пратеничката Мира Стојчевска, преку фејсбук најави дека ќе даде отказ од Електрани на Македонија. Поради морални причини, пишува Виктор Стојчевски, во вторник ќе се повлекува од ЕЛЕМ.
„Сакам да ја известам јавноста дека јас како дипломиран геодетски инженер на Градежен Факултет – Скопје при УКИМ, свесен за моите знаења и способности имам капацитет да работам во било која компанија од приватниот и државниот сектор каде што се бара геодет. При крај сум со моите магистерски студии на Градежениот Факултет и имам желба и намера да се посветам на мојата професионална кариера“, напиша Виктор, синот на Мира Стојчевска.
Во меѓувреме, лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на митинг од Велес рече дека метлата ќе го чисти и опозицискиот двор – вработени во администрацијата.
„Ако фаќа метлата на таа страна ќе фаќа метлата и на тие што опструираат во институциите. Тие од ВМРО вработените што они се тука, не како сега. Е, сега Заев СДСМ и Коалицијата ние сме добричките, нема проблем, сите сме еднакви, добри граѓани дај заедно да ја градиме државата за да си дозволат да поминат во другата крајност. Слушам повторно списоци во Велес правеле, еј! Како кога беше режимот, ние сме добри луѓе ама не сме наивни“, порача лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев.
Универзитетскиот професор Гордан Георгиев, кој беше потпретседател на СДСМ кога Бранко Црвенковски раководеше со партијата, вели дека единствен „спас“ за рејтинг на владата на Заев е да прекине коалицијата со ДУИ и да формира влада со албанската опозиција.
Ставот на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски за метлата е дека треба да почне од Заев.