
Вториот круг на претседателските избори поминува во мирна и демократска атмосфера.
Досега не се забележани нерегуларности, потврдуваат од ДИК, МВР, ОБСЕ/ОДИХР, како и невладини организации кои го следат процесот.
Портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК) Љупка Гугучевска соопшти дека до 15:00 часот излезеноста на вториот круг од претседателските избори изнесува 30,34 проценти и декагласањето се одвива мирно, непрекинато и без неправилности.
До овој момент до ДИК е пристигнат само еден приговор, кој се однесува на заштита на личното избирачко право.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека нема регистрирано нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето.
„Гласањето се одвива мирно, без проблеми. Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните и во преостанатиот дел од денот на мирен и достоинствен начин да го искористат своето гласачко право. Секој обид за нарушување на изборниот процес ќе биде бескомпромисно санкциониран. Но, уште еднаш ќе потенцирам дека до сега, нема ниту едно нарушување на јавниот ред и мир“, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.
Од граѓанската асоцијација МОСТ, која го следи гласањето со повеќе од 1.500 набљудувачи соопштија дека гласањето минува во мирна атмосфера, а забележани се само две изолирани неправилности.

„На гласачко место (ГМ) 2248/1 во Штип, забележано е читање на глас на избирачите, а пред ГМ 0934 во Кратово забележано било присуство на неовластено лице, по што била повикана полиција која го отстранила лицето од пред гласачкото место“, информира на прес-конференција Златко Димитријоски од МОСТ.
Досега гласањето се одвива во мирна и демократска атмосфера и под силен мониторинг на домашни и странски организации, потврдија и од меѓународната организација ОБСЕ.
Шефицата на ОБСЕ/ОДИХР Корин Јонкер, по посетата на гласачкото место 2789 во населба Драчево, истакна дека 170 набљудувачи се распоредени денеска низ земјава, и оти Мисијата е тука за да види дали изборите се спроведуваат согласно меѓународните стандарди за избори.
Потсети дека долгорочниот набљудувачки тим на Мисијата е тука од средината на март и тука ќе остане до средината на мај за да го набљудува целиот избирачки процес.