Маурицио Сари има уште две недели како менаџер на Челзи. Според спортската библија „Газета
дело Спорт“, италијанскиот стручњак ќе биде отпуштен веднаш по финалето во Лига Европа на 29
мај, без разлика дали ќе го изведе тимот до победата во него против Арсенал.

Според извори на изданието, оваа пресуда лично ја издал сопственикот на „сините“ Роман
Абрамович. Тој сметал дека односите меѓу експертот и навивачите, како и со дел од тимот, биле
премногу токсични и затоа требало двете страни да се разделат.
Сари успеа да го изведе Челзи до третото место во исклучително израмнета трка во Премиер
лигата, откако остана само зад двата убедливи доминанти оваа сезона Манчестер Сити и
Ливерпул. Освен тоа, обезбеди на тимот финале во Лига Европа и можност за трофеј, откако го
загуби финалето во Лига Купот од Манчестер Сити на пенали.
Сепак, тој не успеал да го убеди Абрамович дека заслужува да го предводи тимот во иднина. Се
очекува неговата кариера да продолжи во Италија, а главни кандидати за неговиот потпис се
Милан и Рома, кои се во очајна потрага по нови ментори за претстојната кампања.