
Да почнеме со добрата вест: мигрантите кои побарале незаконски азил во Европа минатата година, се 150 илјади – пад од 92% во однос на 2015 година. Бројките покажуваат дека европската миграциска криза е завршена, пишува „Bloomberg“.
Меѓутоа, во политички поглед ова прашање си останува повеќеслојно. Пред изборите за Европскиот парламент кон крајот на месецот, популистите тврдат дека европските општества се под опсада, откако во исто време ги блокираат напорите за постигнување пан-европска политика за ова прашање. Во момент кога намалувањето на населението на Стариот континент се заканува на растот, анти-имигрантската реторика на крајната десница е колку цинична, толку и економски штетна.
За да се победи овој наратив, европските лидери треба да покажат дека можат да ги спречат хаотичните мигрантски бранови, како оној кој го зафати Европа во 2015 година, и да презентираат аргументи за прифаќање на новодојденците. Ова значи сеопфатна и заедничка стратегија за обезбедување европски граници, реформирање на системот за азил и отворање нови правци за законска имиграција.
Во областа на граничната контрола, ЕУ постигна видлив напредок. Европската комисија предложи зголемување на буџетот на Европската агенција за гранична контрола до 11,3 милијарди евра за шесте години од 2021 натаму, што повеќекратно ги надминува одделените 320 милиони евра за оваа година.
Ова е ветувачко, но агенцијата има потреба од поголема моќ и поддршка од земјите-членки за ефективно функционирање. ЕК планира да го зголеми персоналот на Агенцијата на 10.000 во наредната година, но допрва треба да ги убеди владите да обезбедат персонал и да ги усвојат заедничките стандарди за обука. Персоналот на агенцијата, исто така, мора да има наднационални овластувања, како што се граничните патроли и проверките на идентитетот на мигрантите.
Ако не располага соадекватни силе за патролирање по границите, ЕУ ќе се најде неподготвена при следната криза. Правилата за баратели на азил, исто така, треба да се рационализираат преку заеднички систем за распределба на мигранти, наместо да останат таму, каде влегле. Така, граничните земји, како што се Италија и Шпанија, нема да го сноста диспропорционално товарот на згрижување и грижа за мигрантите.
Ако популистичките влади, како што се оние во Унгарија и Полска, одбиваат да го земат својот дел, ЕУ мора да продолжи без нив. Францускиот претседател Емануел Макрон навести дека ќе ги исклучи двете земји од шенгенската зона, ако тие одбијат да прифатат мигранти. Иако таков чекор е малку веројатен, ЕУ не треба да се воздржува од наметнување санкции при спротивставување од популистичките групи. На пример, Унијата може да ги обврзе структурните фондови со придржување кон Заедничката политика за азил.
Во позадина на стравувањата за мигрантите, поумерените гласови мора да го потенцираат долгорочниот интерес на Европа за привлекување на работници од остатокот од светот. Процесот на давање „син картон“ – програма, која им овозможува на квалификувани работници да работат во која било земја на ЕУ без Велика Британија, Данска и Ирска – треба да се поедностави. Брисел мора да финансира билатерални партнерства на земјите-членки со земјите кои не се членки на ЕУ, со цел сертфицирање на работници, кои можат да пополнат важни ниши на пазарот на трудот.
Со цел да ги убедат гласачите за придобивките од плурализмот, либералите мора да бидат свесни за своите ограничувања. ЕУ треба да ја забрза асимилацијата на мигрантите во земјите домаќини преку повеќе средства за интеграција и учење јазик. Унијата, исто така, мора да направи многу повеќе дипломатски напори за потпишување договори со африканските и земјите од Блискиот Исток за враќање и заштита на мигрантите, чии барања за азил се одбиени.
Ксенофобичната реторика на десничарските популисти е опасна и самоуништувачка. Но, тоа се базира на легитимна јавна вознемиреност за брзината на општествените промени. Застапниците на европскиот проект мора да застанат зад поорганизиран и широко распространет одговор на илегалната миграција, создавајќи нови начини за мигрантите да придонесат кон иднината на Европа.