Американски удар на Гугл врз Хуавеји последиците

од desk4
110 прегледи

Одлуката на Гугл некои медиуми ја нарекуваат смртна пресуда за телефоните на Хуавеј на пазарите вон Кина – актуелните телефони можеби нема д можат да се надградуваат на нова верзија на Андроид, а новите нема да имаат пристап до Џимеил, ЈуТјуб, Плеј Стор…

Откако Трамп го стави Хуавеј на црна листа на компании кои не можат да купуваат американска технологија, од Гугл објавија дека ќе ја почитуваат таа одлука, што значи прекин на работата со Хуавеј. Оваа вест одекна како бомба во светските медиуми и некои ја нарекоа смртна пресуда за телефоните на Хуавеј на пазарите вон Кина и нивните амбиции поврзани со преземање на водечкото место на пазарот на паметни телефони. Телефоните на Хуавеј и онака не се достапни во САД, додека во Кина се користи поинаква верзија на Андроид, така што на локалниот пазар на Гугл одлуката нема да има големо влијание.

Што се менува за постоечките корисници на телефоните на Хуавеј ?

Прво, треба да се напомене дека се уште не се познати сите конкретни информации и да се надеваме дека од Гугл во иднина ќе објават што точно можат да очекуваат сопствениците на актуелните модели на телефоните Хуавеј. Според она што досега го коментираа од Гугл, на сите кои досега купиле телефони на Хуавеј се уште ќе им биде достапна трговија со апликации на Гугл Плеј и Гугл Плеј протект, но прашање е што ќе биде со новите верзии на Андроид. Гугл неодамна најави нова верзија на својот мобилен оперативен систем Андроид Q, и како што сега стојат работите, таа верзија нема да биде достапна за телефоните на Хуавеј. Значи, постоечките апликации ќе можат да се користат како и до сега, но новите опции кои доаѓаат со новите верзии најверојатно нема да им бидат достапни на сопствениците на актуелните модели на телефони Хуавеј.

Но најлошата последица од оваа одлука се однесува на идните телефони на Хуавеј на кои нема да бидат достапни најпопуларните апликации на Гугл како Џимеил, ЈуТјуб и Плеј Стор, односно на  корисниците нема да им бидат достапни бројни апликации за нивните телефони. Се разбира, не треба ни да се спомнува колкав удар би било тоа за Хуавеј и може да се очекува несигурноста поради целата ситуација со Хуавеј и Андроид да се одрази и на продажбата на телефони.

Интересно за потсетување е дека пред четири години Гугл и Хуавеј беа партнери на развојот на хардверот и оти за развивањето на телефонот на Гугл – Нексус 6П беше задолжена токму кинеската компанија.

Хуавеј се подготвил за вакво сценарио

Гугл не е единствената технолошка компанија која ја прекинува соработката со Хуавеј, со оглед дека истото го најавија и Интел и Квалком, кои веднаш запираат со испораките на компоненти за Кинезите. Иако се најпознати по мрежна опрема и паметни телефони, Хуавеј произведува и лаптопи кои користат процесори на Интел, а прашањето што треба да се постави е што  ќе направи Мајкрософт, бидејќи компјутерите работат на Виндоуз и веројатно од нив може да очекуваме слична одлука како таа на Гугл.

Иако оваа одлука сигурно ги шокирала сите во Хуавеј, Кинезите сепак имаат план Б и тие се подготвиле за такво сценарио. Прво, во последните неколку месеци, прават залихи на процесори, така што, барем за некое време, тие можат да продолжат да произведуваат компјутери, и веќе со години подготвуваат алтернативни оперативни системи на американските компании. Така што имаат готов оперативен систем за компјутери кој би требало да го замени Виндоуз и мобилниот оперативен систем како замена за Андроид, но прашањето е како корисниците ќе ги прифатат тие оперативни системи на кои нема да бидат достапни толку различни апликации, како што има на Андроид.

Има многу прашања за идните односи помеѓу американските компании со Хуавеј, и не е познато дали забраната е привремена или долгорочна, но сигурно ќе влијае на глобалниот пазар на мобилни телефони. Телефоните на Хуавеј, како што е последната генерација на серијата Mate 20 и P30 се меѓу најпосакуваните мобилни уреди во светот, но може да се очекува дека ќе се намали побарувачката за нив, бидејќи корисниците веќе не се сигурни дали ќе можат да ги надградат на понова верзија на оперативниот систем во иднина. Исто така, прашање е дали поради тоа корисниците ќе станат повнимателни и кон телефоните на другите кинески компании и какво ќе биде влијанието на целиот пазар на мобилни телефони, односно кон кои телефони ќе се свртат луѓето кои досега претпочитаа Хуавеј и дали Самсунг и Епл ќе имаат корист од тоа. 

Слични содржини