70 години германски Устав: Човекот е во фокусот

од desk4
218 прегледи

Неговиот радикален хуманизам изненадува и денес, 70 год. по донесувањето. Притоа Основниот закон, како што во Германија се нарекува уставот, во ваква форма не би бил можен без горчливите искуства од националсоцијализмот, ,пишува DW.

   

„Човечкото достоинство е неприкосновено“. Наместо компликувани реченици за државната структура, веднаш на почетокот се наоѓа оваа јасна и со ништо нерелативизирана мисла. Човечкото достоинство во националсоцијализмот не вредело воопшто. Милиони луѓе биле понижувани, мачени и убивани. Сега е време човечкото достоинство повторно да стигне во центарот на вниманието.

Вајмарскиот устав,  предокот на Основниот закон, бил модерен во времето на своето настанување. И тој документ ги содржи основните права, тој го вовел правото на глас на жените. Но сепак не ја спречил националсоцијалистичката диктатура.

Standbild Europanorama DW Mazedonisch

Правникот, професор Улрих Батис смета дека сепак „Вајмар не потфрлил поради својот устав, туку поради недостиг од демократи“. Но, Вајмарскиот устав имал многу слабости и интенцијата била во Основниот закон тие по секоја цена да се избегнат.

Слаба позиција на претседателот

Така на пример, проблематична била многу силната позиција на претседателот. Тој можел сам да го распушти парламентот и дури и да владее без него, на начин што ќе воведе вонредна состојба. Тоа на крајот и го доведе Адолф Хитлер на власт. Поради тоа функцијата сојузен претседател денес во Германија има претежно репрезентативна улога. Од друга страна, Основниот закон ја засили улогата на Бундестагот (парламентот) и на сојузниот канцелар, кого го избира парламентот.

Parlamentarischer Rat 1948 - Konstituierende Sitzung (picture-alliance/akg-images)Парламентарниот совет кој во 1948 година го изработи германскиот устав

Творците на Основниот закон биле сомничави и кога е во прашање директна демократија. И тоа во Германија е врзано за лоши историски искуства. Претседателот бил избиран на директни избори, а во политички и економски немирни времиња тоа можело да биде опасно, пред сѐ во комбинација со овластувањата на таа позиција. Затоа Основниот закон предвидува сојузниот претседател да го избираат политичари. Во денешно време таквата недоверба изгледа можеби претерана, но експерти како Батис и денес се на мислење оти директен избор на претседател е лоша идеја, зашто на претседателот во одредени ситуации му овозможува својата моќ да ја спротивстави на онаа на парламентот, па така да се постави наспроти пратениците избрани од народот. За Батис затоа и референдумот за Брегзит „не е баш најдобра реклама“ за директна демократија.

Во почетокот само преодно решение

Но, за настанувањето на Основниот закон не биле решавачки само распадот на Вајмарската Република и искуствата од националсоцијализмот, туку и времето на негово создавање. Во 1949 година била зацврстена ситуацијата на Германија како поделена држава. Основниот закон навистина бил донесен само за Сојузна Република Германија, односно за западниот дел од земјата, но такаречи во вид го имал и нејзиното обединување. Требало да биде на сила само во текот на преоден период, односно додека целата Германија не биде во можност да работи на устав. Затоа документот и се вика Основен закон, а не устав.

Со обединувањето во 1990 година, целта е остварена. Но наместо создавање нов устав, политичките сили се одлучиле за чин на „пристапување на Германската Демократска Република на подрачјето под влијание на Основниот закон“. Тоа е практично присоединување, а „привремениот термин“, Основниот закон, останал. Променет е членот 23 кој го дефинира присоединувањето и заменет е со член за „остварување обединување на  Европа“.

Денес најчесто се зборува за „татковците и мајките“ на Основниот закон. Четирите „мајки“ меѓутоа во прво време, покрај 61 маж во уставотворното тело, воопшто не биле споменувани. А притоа, токму благодарејќи на Елизабет Зелберт, во Основниот закон влегол и ставот: „Мажите и жените се рамноправни“. „Тоа покажува што се во состојба да постигнат одлучните жени. На мажите тоа не би им паднало на памет“, вели Улрих Батис.

Feier der deutschen Wiedervereinigung vor dem Berliner Reichstag (picture-alliance/dpa)Славје за германското обединување пред берлинскиот Рајхстаг, архива 1990 година

Па сепак, теоријата и праксата во тоа време биле многу оддалечени. Така, сѐ до 1977 година жените не смееле да работат без дозвола од своите мажи , а дури во 1997 година силување во бракот стана кривично дело. Дури во 1994 година во Основниот закон влегува формулацијата: „Државата поддржува вистинско спроведување на начелата на рамноправност на жените и мажите и влијае на отстранување на постоечките недостатоци.“

Некои делови се вечно на сила

Овој пример покажува дека Основниот закон постојано е обновуван, до денес е менуван шеесетина пати. Еден пример е да речеме членот кој се однесува на политички азил. Во почеток тој прилично јасно гласел: „Политички прогонетите лица уживаат право на азил.“ Но, кога во 1990 година бројот подносители на азил драстично се зголемил, Бундестагот со потребното двотретинско мнозинство го ограничил правото на азил. Оттогаш, на пример, веќе не е можно пружање азил на лица кои во Германија стигнале преку некоја друга членка на Европската унија.

Истовремено, во Основниот закон постои и јадро кое е заштитено со „клаузула за вечност“.  Демократијата  (целата државна моќ произлегува од самиот народ) и правната држава (извршната моќ и правниот поредок се врзани за закони и право) спаѓаат, исто како и членот 1 за  човековите права, во тој непроменлив дел. И федеративното уредување е „свето“.

Основниот закон во 1949 година е донесен како преодно решение, но денес е најдолговечниот германски устав на сите времиња. Многу членови во текот на времето се проширувани и збогатувани со нови формулации, но сѐ уште оние наједноставните формулации во тој правен текст се оние кои стигнуваат до народот, како онаа за неприкосновеноста на  човековото достоинство.

Заедно со Уставниот суд, кој го штити Основниот закон и кој, како што истакнува Батис, „ги толкува понекогаш основните права наспроти намерите на државата“, Основниот закон ужива доверба кај граѓаните на Германија. Тој е отелотворување на најважната порака од германската историја: не е граѓанинот тој кој би требало да се подреди на државата, туку државата е таа која е во служба на своите граѓани.

DW.COM

Слични содржини