Повеќе од еден месец, околу 2.700 војници од шест земји ќе учествуваат на најголемата и најсложената воена вежба досега одржана во Македонија. На вежбата „Одлучен удар“, од 5 јуни до 9 јули на полигонот Криволак ќе учествуваат по околу 1.300 македонски и американски војници и трупи од Албанија, Бугарија, Литванија и Црна Гора.Ова е досега и најголема и најсложена воена вежба, чиј домаќин е земјава.
На вежбата трупите од шест земји ќе треба заедно да изведуваат операции на здружени копнени и воздухопловни сили, комбинирани операции на конвенционална војска и специјални сили и борбени операции во урбан терен.На „Одлучен удар“ ќе учествува компонента од конвенционални сили со два баталјонa механизирана пешадија на АРМ, два баталјони од 56. Страјкер-бригада на Националната гарда на Пенсилванија, опремена со оклопни возила „страјкер“, артилериски баталјон со сили од Литванија и Црна Гора и македонски и американски хеликоптери.Во борбената група за специјални операции, пак, ќе бидат вклучени тимови од специјалните сили на АРМ, „зелени беретки“ од 19. Група на специјални сили од Националната гарда на САД и тимови од специјалните сили на Албанија и Бугарија.На вежбата ќе има 26 настани, 96 задачи и 13 тактички вежби со боево гаѓање со пешадиско оружје, артилерија и хеликоптери.На гаѓањата ќе се користи „обична“, конвенционална муниција, но не и зрна со осиромашен ураниум.На денот за високи гости, на 17 јуни, над Криволак ќе прелетаат и два американски ловци Ф-16, но и стратегиски бомбардер Б-52, најавија од Министерството за одбрана на денешниот брифинг за вежбата.– Фактот дека во наша национална вежба, која самите ќе ја водиме и организираме, во која ќе учествуваат шест земји, од кои сите други се веќе членки на Алијансата и над 2.700 припадници на овие армии, покажува дека можеме, дека знаеме и дека сме создале доверба за ова да биде овозможено – изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.„Одлучен удар“ е организирана во партнерство со Армијата на САД и е дел од комплексот вежби на Европската команда на САД (EUCOM) “Saber Guardian 19” во Црноморскиот и Балканскиот регион.– Ова е четврта вежба од регионална важност која ја организираме со Северна Македонија во последните две години. Минатата есен и годинава имавме две вежби на американските сили од КФОР, а минатата година ја изведовме вежбата “Dragoon Guardian”, на која учествуваат околу 300 американски војници – рече полковник Тимоти Бјукен, одбранбено аташе на САД.
Извор: Мета.мк