Земјаните сега имаат единствена прилика да именуваат планети и ѕвезди

од desk2
351 прегледи

Ако секогаш сте сакале да именувате некоја ѕвезда или планета, но не сте знаеле како, сега ви се нуди единствена пролика за предложите име за една егзопланета и една ѕвезда и така засекогаш да оставите свој траг во вселената. Имено, по повод 100-годишнината од Меѓународната астрономска унија, на глобално ниво се организира натпревар наречен IAU100 NameExoWorlds. Како што наведуваат од Унијата, секоја земја ќе може да предложи имиња за егзопланети и ѕвезди.

Унијата е меѓународно тело одговорно за доделување официјални имиња и ознаки на небесните тела, а ова е втор пат во историјата да се организира натпревар за именување ѕвезди и планети. Повеќе од 70 земји се пријавија за организација на национални кампањи во кои јавноста ќе може да гласа. Целта на оваа иницијатива е да се создаде свест за нашето место во вселената и да се поттикне размислувањето за тоа како Земјата може да оформи цивилизација на некоја друга планета.

Откако од Унијата избраа голем број добро проучени, потврдени егзопланети и нивните ѕвезди, на секоја земја и е доделен систем од ѕвезди и планети. За жал, Македонија не го пријавила своето учество на натпреварот, па ние нема да можеме да учествуваме во овој историски настан. Од нашите соседи, во именувањето ѕвезди и планети ќе учествуваат Албанија, Грција, Србија, Бугарија и Хрватска.

Според правилата на натпреварот, предложените имиња треба да бидат имиња на предмети, луѓе или места кои имаат долгогодишно културно, историско или географско значење и се вредни нивното име да го носи некое небесно тело. Организацискиот одбор потоа од предложените имиња ќе избере пет кои ќе се најдат на јавно гласање./Inovativnost