„Предизвици на практикувањето волонтерство во заедницата“ е темата на денешната конференција што ќе се одржи во организација на Коалицијата на младински организации СЕГА, со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.
Конференција е во рамките на проектот „Зајакнување на младинската вклученост во локалните заедници”.
Во рамките на проектот, како што информираат организаторите, беше дизајнирана алатката Индекс за младински развој (www.imrm.mk), со цел да приберат информации за положбата на младите во рамките на заедницата во којашто живеат, како и да ги утврди предизвиците со коишто тие се соочуваат.
– Еден од клучните наоди од извештајот на Индексот за младински развој за 2018 година беше недостигот на волонтерски ангажман на младите од 15 до 29 години, што укажува на потребата од подобрување на мерките за поттикнување на волонтерството во заедницата, посочуваат од СЕГА.
Свои излагања на конференцијата ќе имаат претставници на Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд, релевантни граѓански организации и неформални иницијативи.
По излагањата, ќе следува работа во мали групи, со цел да се дефинираат препораки за подобрување на мерките за промовирање и практикување волонтерска работа.