Премиерот Зоран Заев денеска од Валандово најави дека во предлогот што ќе го достави до собранието за нови членови на владата се предвидува тој да стане воедно и министер за финансии на местото на Драган Тевдовски.

-Обврската за министер за финансии, покрај премиерската функција ќе ја вршам јас одреден период. Оваа одлука ја донесов заради тоа што оваа година ќе биде година за економијата. Тевдовски ќе работи околу мене, како советник. Следуваат храбри одлуки од кои бенефит ќе имаат сите граѓани – рече Заев.
Притоа, тој информираше дека нов министер за земјоделство на местото на Љупчо Николовски ќе биде Трајан Димкоски и потврди дека нов министер за екологија ќе биде Насер Нуредини, за локална самоуправа ќе биде Горан Милевски, а за политички систем ќе биде Садула Дураки, министер за култура Хусни Исмаили.
Заев изрази благодарност до досегашните министри за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за култура Асаф Адеми, за финансии Драган Тевдовски, за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, за рамковниот договор Хазби Лика и за регулатива и инвестиции на домашни фирми Зоран Шапуриќ, за како што рече што и служеа на државата и народот извршувајќи ја функцијата.
Во однос на смената на директори, Заев, рече дека веќе следната недела ќе излезат со промена на другите кадровски решенија во извршната власт, посочувајќи дека во централната власт очекува смена на околу 20 места.
– Верувам дека тоа како процес ќе успееме заедно да го завршиме до крајот на овој месец, затоа што при крај се конечните анализи и разговори со луѓето. Очекувам до крајот на месецот да ги заокружиме сите кадровски промени во извршната власт, изјави Заев.