Општина Гази Баба дупло ги зголеми средствата за студенти – иноватори и тоа 400.000 денари, односно оваа година два тима од факултетите кои се наоѓаат на територија на општината, добија по 200.000 денари кои треба да ги реализираат во период од пет месеци.

Како што информираат од општината, првиот тим е од Природно-математички факултет со проектната идеја „Мапирање и означување на дрвенести и грмушести видови во паркот на Ботаничката градина“, а вториот тим од факултетот за земјоделски науки и храна со проектната идеја „Иновативен уред за определување на содржината на вода во почвата“.
За градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски овој проект претставува успешна приказна која од година в година предизвикува се поголем интерес.
– Моја должност како градоначалник е и понатаму да овозможам реализација на овој проект и понатаму да обезбедувам средства за реализација на идеите на студентите. Заедно со вашите ментори продолжуваме да бидеме вашиот поттик за што повеќе студенти својата замисла да ја претворат во реалност, рече Георгиевски.
Од општината велат дека целта на овој проект кој стартувал минатата година е студентите рационално да го искористат своето време додека студираат и професионално да се развиваат кон она што сакаат да работат токму преку овие проекти.
Претходно, биле презентирани проектните идеи од минатогодишните победници, и тоа на проектиниот тим од Факултетот за земјоделски науки и храна со проектната идеја „Иновативен модуларен уред за контрола на наводнувањето” и проектиот тим од Шумарскиот факултет со проектната идеја “„елена лична карта на Дендро паркот со примена на современи геоматски техники”, се наведува во соопштението од општината.