Eкстремно високите темепратури изминатите неколку денови ја зголемија потрошувачката на вода низ штипскиот водоводен дистрибутивен систем.

Валериј Спасов, раководител на работна единица „Водовод и канализација“ при ЈП „Исар“ – Штип вели дека штипјани дневно трошат по 19.000 метри кубни вода за пиење или низ водоводната мрежа во просек секоја секунда протекува по 220 литри.
– Шпицот на потршувачката е во вечерните часови, од 19 до 21 часот и таа изнесува од 290 до 300 литри во секунда, додека најмала потрошувачка имаме во ноќните часови, која изнесува од 100 до 110 литри во секунда, вели Спасов.
Тој забележува дека вода во бунарскиот систем има доволно за да се задоволат потребите на граѓаните, но сепак апелира водата да не се користи за наводнување на паркови и градини, за која намена треба да се употребува техничка вода.
– Да штедеме затоа што имаме зголемена потрошувачка на вода која треба рационално да се искористи. И покрај екстремната потрошувачка на вода, засега нема најави дека ќе има рестрикции во водоснабдувањето, рече Спасов.