Познато ви е она чувство кога ќе се вратите од одмор, а како воопшто да не сте одмарале? Тоа чувство најчесто се јавува по викенд-одмори, велат стручњаците.
Потребно ни е одредено време да се оттргнеме од нашите секојдневни обврски и размислување за проблемите и целосно да се опуштиме.
Истражување во кое учествуваа 2.000 Американци на возраст од 25 до 55 години покажа дека нивото на стрес останува исто кај луѓето кои одат на одмор помалку од три дена.
Имено, најмалку три дена се потребни за да може возрасен човек да почне по малку да се опушта, велат стручњаците кои го водеа истражувањето. Тоа има смисла, ако знаеме и самите дека првиот ден од патувањето нема баш многу време за опуштање.
Вториот ден го поминуваме во прилагодување на новото опкружување, а дури третиот ден може да почне процесот на опуштање. Сепак, сите реагираме различно и на некои луѓе им треба и повеќе време да се прилагодат и да почнат да уживаат во одморот.
Речиси 35% од испитаниците рекле дека сакаат годишниот одмор да го поминат во опуштање и одмарање, наспроти патување со шетање и авантури.
Авантуристичко патување е прв избор за 38% од испитаниците, а експертите велат дека најдобро е да направите некоја идеална комбинација од двете. Што и да изберете, обидете се да го најдете внатрешниот мир и немојте да броите денови до враќањето дома, опуштете се и уживајте.