Заврши инклузивната ликовна колонија „Езерски убавини“

од Vlatko K
82 прегледи

 Во детското одмаралиште „Мајски цвет“ во Струга, изминатите шест дена се одржа инклузивна ликовна колонија насловена „Езерски убавини“, на која учествуваа петнаесет велешки основци, 10 од редовните основни училишта  и пет деца  од Посебното основно училиште  „Маца Овчарова“.

Како што појасни за МИА, Зага Колодезни, дефектолог во ПОУ „Маца Овчарова“ и автор на проектот целта на проектот насловен  „Ликовен инклузивен караван“, во чии рамки се одржа и оваа ликовна колонија во Струга, е подобрување на социјалната инклузија на деца и млади со попреченост на возраст од 13 до 15 години преку ликовно творење заедно со  нивни врсници од редовните основни училишта, преку  меѓусебно запознавање и другарување.

Драганчо Таневски, ликовен педагог и ментор во проектот, вели дека целта на завршената колонија во Струга била преку ликовно творештво да ги спојат децата од редовните и посебното училиште и меѓусебно да другаруваат.

-Овие ученици ги донесовме во Струга за да ги видат езерските убавини и да се запознаат со градот, а потоа  своите впечатоци да ги пренесат на бело платно.Тие под мое менторство и појаснување на техниките за цртање и сликање, прво седнати покрај езерото набљудуваа, потоа правеа скици седнати и на крај во дворот на детското одмаралиште, се запознаа со акрилните бои, кои ги одбрав, бидејќи  брзо се сушат. На едно платно работеа по двајца учесници и така на на најубав начин меѓусебно се запознаваа  и  другаруваа, појасни Таневски.

По оваа ќе се одржат уште две инклузивни ликовни колонии: една во август во велешко Папрадиште и на почетокот на септември во археолошкиот локалитет Стоби.

Сите дела од разни техники  од овие три инлузивни ликовни  колонии како и делата од  неколкуте претходно одржани работилници во Велес, на крај  ќе бидат изложени на продажна изложба, а која како што најави Колодезни, е планирана на почетокот на октомври во Велес.