По соопштението на Здружението „Анима мунди“ дека стационарот за бездомни животни во Штип не работи и по побарана одговорност од Општината и од Ветеринарната станица-Штип, на денешната прес-конференција од општината информираа дека стационарот работи, а кучињата кои се заловени го добиваат соодветниот третман.

Тоше Георѓиев, надлежен за стационарот од Општина Штип, вели дека стационарот работи веќе два месеца, а забелешките што ги добиваат од надлежните институции веднаш ги прифаќаат и ги отстрануваат. На невладините организации им порача дека доколку и тие имаат забелешки, подготвени се да седнат на заедничка маса и да разговараат.
– Бездомните кучиња овде добиваат соодветен третман, се кастрираат, се чипираат со видлива ушна маркица и микро чип и се донесуваат во прифатилиштето, вели Георѓиев.
Ветеринарниот лекар, Крсте Митев од Ветеринарната станица- Штип, којашто е задолжена за заловување и третман на кучињата скитници, вели дека 40 отсто од кучиња кои ги имаат заловено се заразени со лешманија и претставуваа сериозна опасност за здравјето на луѓето. Овие резултати ги имаат добиено по направените анализи во Скопје. На „Анима мунди“ и порачува да престане со заканите и доколку сака да помогнат, тие се отворени за соработка, но без да навлегуваат во туѓите ингеренции.
– Не се тие, оние кои треба да вршат надзор на нашата работа, да ја оценуваат, да даваат мислења, совети и во дадени ситуации да ординираат терапии. Ние работиме согласно законот, вели Митев.
На прес-конференција присуствуваа и началникот на Инфективно одделение, Дијана Шишкова и епидемиологот од Центарот за јавно здарвје во Штип, Александра Србиновска. Шишкова соопшти дека само за половина година 111 граѓани побарале помош на инфективното одделение поради каснување од куче. Лекувањето на овие лица бара комплексен третман, но и ризик од заразни болести кај луѓето.
Епидемилогот Србиновска, истакна дека лишманиоза или кала азер е болест, која кај кучињата не се лекува, а кај луѓето може да има смрттни последици.
– Лани имавме три заболени лица, од кои еден смрттен случај, вели Србиновска.
Лекарите додаваат дека едно е да се сакаат кучињата, но за нив, здравјето и животот на луѓето секогаш ќе бидат на прво место. Сметаат дека општината се грижи за здравјето на луѓето, со дезинсекцијата и ставањето на функцијата на стационарот, со што бездомните животни добиваат и соодветен третман со цел да не шират заразни болести.