Град Скопје ќе спроведе акција за чистење и уредување

од Марта Пешевска
277 прегледи

Чистење на смет на јавните површини, миење на улиците итротоарите со цистерна, косење на нараснатите тревни површини, кастрење на зеленилото, сечење на исушените дрва кои претставуваат опасност за граѓаните, чистење на поголемите диви депонии, крпење на ударните дупки, се дел од активностите кои Град Скопје, со поддршка од скопските општини, утре и задутре ќе ги спроведе на територијата на градот.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, информираше дека граѓаните, на одредени локации, во одредени денови, ќе добијат можност да го отстранат кабастиот отпад.

– Оваа акција ќе ги вклучи сите технички и човечки потенцијали кои стојат на распологање на јавните градски претпиријатија, помогнати со градската администрација, помогнати со потенцијалите што ги имаат во општините. Причина повеќе да ги повикаме и сите граѓани кои се заинтересирани да живеат во почист, поубав град да се приклучат на оваа масовна акција, што ќе се одвива во наредните два дена, истакна Шилегов.

Градоначалникот на Град Скопје напомена дека, по акцијата за чистење на градот, ќе следи засилен инспекциски надзор и од страна на градот и од страна на општините, се со цел да се спречи повторно создавање на диви депонии што ќе бидат предмет на расчистување во текот на оваа акција.

– Ги повикувам граѓаните да се придржуваат на начинот и редот на фрлање на отпадот. Треба да внимаваме каде се фрла отпадот. Само малку напор ни треба за нашиот град да стане почист и поубав, посочи Шилегов.